Хипотензија или низок крвен притисок може да предизвика непријатни симптоми како вртоглавица и замор. Оваа состојба понекогаш може да биде последица на користење одредени лекови и да укажува на одредени здравствени проблеми, а притисокот често може да се регулира со промени во животните навики.
Со оглед на тоа дека крвта се состои од околу 90 проценти вода, дехидратацијата го намалува вкупниот волумен на крв во телото, што може да доведе до пад на крвниот притисок. Доволен внес на течности е клучен за одржување на оптимален волумен на крвта, а се препорачува да се пијат помеѓу шест и 12 чаши вода дневно.
Покрај тоа, натриумот како клучна состојка на солта помага во регулирањето на крвниот притисок. Поголем внес на сол може да го поттикне телото да задржува вода, со што се зголемува волуменот на крвта, а со тоа и крвниот притисок. Сепак, важно е да бидете умерени бидејќи прекумерниот внес на сол може премногу да го зголеми притисокот и да го зголеми ризикот од срцеви заболувања.

Исто така, кофеинот делува како стимуланс кој ги стеснува крвните садови и привремено го зголемува крвниот притисок. Шолја кафе или зелен чај може да го зголеми притисокот во рок од 30 минути, а дејството обично трае до четири часа. Кај некои лица, преголема количина кофеин може да предизвика нервоза, анксиозност и проблеми со спиењето.
Дополнително, компресивните чорапи можат да ја подобрат циркулацијата бидејќи создаваат притисок на нозете, со што го подобруваат протокот на крв и спречуваат нејзино задржување во долните екстремитети. Носењето чорапи што достигнуваат до колената го поттикнува враќањето на крвта од нозете кон срцето, што може да го зголеми крвниот притисок.
Наглото намалување на крвниот притисок по јадење, познато како постпрандијална хипотензија, почесто се јавува кај постарите лица и кај оние со одредени здравствени проблеми. Симптомите вклучуваат вртоглавица, зашеметеност и мачнина. Доколку ви се случува ова, се препорачува да јадете неколку помали оброци распоредени во текот на денот за да се одржи постабилен крвниот притисок.
Покрај тоа, витаминот Б12 е клучен за функционирањето на нервниот систем, кој меѓу другото го регулира и крвниот притисок. Нивото на витамин Б12 можете да го зголемите со консумирање риба, млечни производи како млеко и сирење, како и месо од живина.
Исто така, вежбите можат да ја подобрат вашата циркулација и да го зголемат крвниот притисок, со што ќе спречат вртоглавица. Овие вежби се особено корисни ако симптомите на низок притисок ги чувствувате при станување.

Спиењето со подигната перница за 10 до 15 сантиметри може да спречи задржување на крвта во долниот дел од телото во текот на ноќта. Со ова се поттикнува подобра циркулација и се зголемува крвниот притисок. Овој метод е корисен за лица кои чувствуваат вртоглавица при станување бидејќи го ублажува наглиот пад на притисокот што се јавува при преминување од лежечка во стоечка положба, пишува „Health.com“.
Нормалниот крвен притисок кај возрасните лица се движи во опсег од 90/60 mmHg до 120/80 mmHg. Вредностите пониски од 90/60 mmHg се сметаат за низок притисок, а тој се изразува преку две вредности, и тоа систолен, кој го означува притисокот при отчукување на срцето, и дијастолен, кој го претставува притисокот додека срцето мирува помеѓу отчукувањата.
Притисокот можете да го мерите и дома со автоматски апарат. Симптомите што можат да укажуваат на премногу низок или нагло покачен притисок се заматен вид, збунетост, вртоглавица, забрзана работа на срцето, чувство на слабост или несвестица, замор, чукање на срцето, како и мачнина или повраќање.
Доколку имате постојани симптоми на низок крвен притисок, се советува да се обратите кај вашиот лекар.









