„Ferrari“ се подготвува за историски момент – претставување на својот прв целосно електричен автомобил.
Премиерата на моделот наречен „Luce“ се очекува за нешто повеќе од еден месец, а станува збор за проект кој се најавува со години и предизвикува огромен интерес во автомобилската индустрија.
Италијанскиот производител засега откри само неколку детали. Ентериерот е делумно прикажан, додека надворешниот изглед и понатаму е скриен под камуфлажа, па конечниот дизајн сè уште се чува во тајност.

Цена што крева веѓи
Иако „Ferrari“ официјално сè уште не ја објави цената, шпекулациите не престануваат. По претходните информации дека почетната цена би можела да биде над 500.000 евра, нов извештај сугерира уште повисок износ.
Според информациите што ги пренесува „Bloomberg“, „Ferrari“ интерно цели на почетна цена од околу 550.000 евра, со можност за отстапување од околу 10 проценти. Ако таа бројка се потврди, „Luce“ би бил дури 100.000 евра поскап од моделот „Purosangue“ со V12 мотор.

Електричен „Ferrari“, но без компромиси
Иако нема да биде SUV, новиот модел ќе има задни врати и седишта, а се очекува каросерија во стил на "grand tourer". Се споменува и можност за задни врати на багажник наместо класичен капак.
Ентериерот ќе биде целосно нов и развиен во соработка со дизајнерскиот колектив „LoveFrom“, кој го води поранешниот дизајнер на „Apple“, Џони Ајв. Се очекува комбинација на аналогни и дигитални решенија, во согласност со современите трендови, но со задржување на препознатливиот идентитет на „Ferrari“.

Меѓу најскапите електрични автомобили
Доколку се потврди почетната цена од околу 550.000 евра, „Luce“ би станал еден од најскапите електрични автомобили на пазарот, над модели како „Rolls-Royce Spectre“, „Lucid Air Sapphire“ и „Porsche Taycan Turbo GT“.
„Ferrari“ веќе порача дека купувањето на овој модел нема да биде услов за пристап до нивните најексклузивни бензински модели, што е важна порака за верните купувачи на брендот.
И покрај високата цена, извршниот директор Бенедето Виња е оптимист за иднината на моделот, истакнувајќи дека првите реакции на потенцијалните купувачи се „многу позитивни“.










