Еден од најретките модели на компанијата „McLaren“ сега е засекогаш изгубен по тешка сообраќајна несреќа во Торонто.
Портокаловиот „McLaren 600LT“ ја заврши својата возачка приказна закован во столб за улично осветлување, недалеку од познатата Каса Лома.
Според полицијата, до несреќата дошло околу полноќ, кога возачот изгубил контрола на раскрсница. Автомобилот преминал преку тротоар, по што се запрел по силен удар во бандера.
Снимките по несреќата покажуваат дека „600LT“ се движел заедно со зелениот „McLaren 570 S“. Предниот дел од автомобилот е целосно уништен, а делови се расфрлани низ блискиот парк.
Како што пренесува „CBC News“, возачот е уапсен поради возење под дејство на алкохол. Тој и совозачот се пренесени во болница со повреди кои не се опасни по живот.
Локалните жители наведуваат дека брзото возење е честа појава во тој дел од градот, а пред неколку години таму страдал и еден „Chevrolet Corvette“.
Моделот „600LT“ беше претставен во 2018 година како една од најекстремните верзии од „Sport Series“ понудата.

Го придвижува 3.8-литарски twin-turbo V8 мотор со 600 КС и 620 Nm вртежен момент, со фокус на намалена маса и подобрена аеродинамика.
Произведен е во ограничена серија од 1.500 примероци, што оваа несреќа ја прави уште поголема загуба за авто-ентузијастите.









