Погледнете ја бизарната повреда на Јамал поради која би можел да остане без Светското првенство

Точка

23/04/2026

09:57

797

Големина на фонт

а а а

Барселона забележа минимална, но исклучително вредна победа против Селта (1:0) во 32. коло од Ла Лига, но славјето беше засенето од загриженоста поради повредата на еден од клучните играчи. Младиот Ламин Јамал беше херој на натпреварот, но и негова најголема жртва.

Осумнаесетгодишниот крилен напаѓач го постигна единствениот гол на натпреварот од пенал, со што им донесе важни три бода на Каталонците и дополнително ги приближи до титулата. Шест кола пред крајот, Барселона сега има девет бодови предност пред Реал Мадрид.

Ситуацијата што го реши натпреварот се случи во 39. минута. Јамал избори пенал, ја презеде одговорноста и сигурно погоди. Но, наместо славје, следуваше шок – веднаш по ударот падна на тревникот и се фати за задната ложа.

Соиграчите прво го опкружија за да го прослават погодокот, но многу брзо стана јасно дека станува збор за посериозен проблем. Јамал мораше да го напушти теренот, а Барселона до крајот успеа да ја зачува минималната предност.

Страв од потешка повреда

Првичните информации укажуваат на повреда на задната ложа на левата нога, што е една од најнепријатните повреди за фудбалерите. Парадоксално, до неа дошло токму при изведување на пенал.

Јамал оваа сезона е еден од клучните играчи на Барселона – во 45 настапи постигна 24 гола и забележа 18 асистенции. Иако од клубот сè уште нема официјална потврда за тежината на повредата, постои страв дека младиот фудбалер би можел да го пропушти остатокот од сезоната, а под знак прашалник е и неговиот настап на Светското првенство.