Лестер Сити испадна од Чемпионшип во Лига Еден (трет ранг на англискиот фудбал) по нерешениот резултат 2:2 со кандидатот за плејофот Хал Сити.
„Лисиците“ мораа да го добијат натпреварот на стадионот „Кинг Пауер“ за да ги задржат шансите за опстанок, но не успеаја во тоа. Иако во еден момент водеа со 2:1, гостите успеаја да израмнат и да стават крај на надежите на домашниот тим.
Ова е второ последователно испаѓање на Лестер, како и трето во последните четири години.
Иронично, клубот на тој начин заокружи една деценија од својот најголем успех во историјата, кога сензационално ја освои Премиер лигата во 2016 година, и покрај коефициентот од 5000:1.
Тие ја започнаа сезоната солидно под водство на тренерот Марти Сифуентес, губејќи само еден од првите десет натпревари, но нивната форма почна да опаѓа на почетокот на годината.
Ситуацијата дополнително се влоши во февруари кога им беа одземени шест бода поради кршење на финансиските правила на Англиската фудбалска лига, оставајќи ги веднаш над зоната за испаѓање.
Сифуентес набрзо беше отпуштен, а на негово место го зазеде Гари Раует, но дури ни тоа не донесе пресврт.
Под негово водство, Лестер оствари само една победа во лигата. Неодамнешниот пораз од директниот ривал Портсмут дополнително ја продлабочи кризата, а по натпреварот, незадоволните навивачи влегоа во вербален конфликт со играчот од средниот ред Хари Винкс пред стадионот „Фратон Парк“.
Испаѓањето претставува болен епилог на турбулентната деценија за Лестер.
По историската титула, клубот избори место во Лигата на шампионите, каде што стигна до четвртфиналето, додека во домашното првенство следната сезона заврши на 12-то место.
Тие го освоија и ФА Купот во 2021 година, прв во историјата на клубот.
Сепак, две години подоцна следеше пад. Лестер испадна од Премиер лигата и покрај квалитетниот состав во кој беа Џејми Варди, Џејмс Медисон и Јури Тилеманс.
Тимот брзо се врати во елитниот ранг со освојување на титулата во Чемпионшип под водство на Енцо Мареска, но потоа ги чекаше уште една тешка сезона.
Мареска го напушти клубот и се пресели во Челзи, а комбинацијата на тренерот Стив Купер и Руд ван Нистелрој не успеа да спречи уште едно испаѓање.










