Голем скандал ја тресе Италија: Фудбалери од Серија А користеле услуги на проституција, откриено колку плаќале

Точка

21/04/2026

18:45

1.123

Големина на фонт

а а а

Големиот скандал што ја тресе Италија полека добива сè појасни контури, а истрагата откри мрежа на елитна проституција во која, според наводите на медиумите, биле вклучени и бројни професионални спортисти.

Како што пишува „Il Giorno“, идентификувани се околу 70 клиенти, меѓу кои има и познати фудбалери од Милан и Интер, но и играчи од други клубови од италијанската Серија А кои доаѓале во Милано на натпревари, како и бројни други спортисти.

Според достапните информации, компанија која формално делувала како организатор на настани нудела услуга за забава по натпреварите. Пакетот вклучувал ноќни излегувања во ексклузивни милански клубови, луксузно хотелско сместување и ангажман на ескорт-дами, а цените достигнувале неколку илјади евра.

„Имам еден мој пријател, возач на Формула 1 кој вечерва доаѓа во Милано, сака девојка“, наводно се слушнало за време на прислушуваните разговори, а главната улога во сè ја имала Дебора Ронки.


Забавите со ескорт-дами се организирале секојдневно дури и за време на најстрогиот локдаун поради пандемијата на коронавирусот, а Ронки задржувала 50 отсто од вкупните приходи. Исто така им наплатувале и кирија.

Истрагата исто така открила дека на поединечни клиенти им бил достапен и азотен оксид, познат како „гас за смеење“. Оваа супстанција се користи во медицината, но и во рекреативни цели, а специфична е по тоа што тешко се детектира на антидопинг тестови.

Акцијата ја покренала „Guardia di Finanza“ по пријава од девојка која одлучила да го напушти тој круг и да проговори за сè. Со понатамошна анализа на финансиските текови на спорните фирми, истрагата довела до апсење на четири лица по налог на судијката Киара Валори.

Во куќен притвор завршиле двајца администратори на компанијата и уште двајца осомничени. Се товарат за здружување заради подведување и искористување на проституција, како и за перење пари.

Истражителите утврдиле дека преку оваа мрежа поминале повеќе од 1,2 милиони евра, кои се запленети како незаконски стекната добивка. Парите се пронајдени како кај самата фирма, така и кај други лица опфатени со истрагата.


Обвинителката Бруна Албертини го координира случајот, а според наводите на обвинителството, собраните докази јасно укажуваат на организиран начин на дејствување, со соработка на ескорт-дами и ПР агенти. Станува збор, како што се наведува, главно за многу млади девојки, често странки од Јужна Америка и Источна Европа.

Истрагата дополнително укажала и на несразмер меѓу пријавените приходи и реалниот животен стандард на осомничените, што бил еден од клучните трагови во разоткривањето на целата мрежа.

Според пишувањето на италијанските медиуми, ваков „пакет на услуги“ наводно веќе подолго време кружел во спортските кругови, а интересот на ВИП клиентите се одржувал главно преку препораки и затворени контакти.