Најдолгиот директен лет во светот наскоро полетува: Еве што носи проектот што ги менува патувањата

Точка

17/04/2026

11:06

2.338

Големина на фонт

а а а

Австралиската национална авио-компанија „Qantas“ ги претстави првите детали од амбициозниот проект наречен „Project Sunrise“, кој ќе овозможи патување без трансфер меѓу Лондон и Сиднеј, и тоа за околу 22 часа.

Планирано е оваа рута да биде пуштена во 2027 година, со низа иновации што би можеле да го променат начинот на кој ги доживуваме долгите патувања со авион.

Авионот подготвен за тестирања

Како што напредуваат подготовките, од компанијата порачуваат дека сè оди според планот. Првиот авион веќе се наоѓа во фабриката на „Airbus“ во Тулуз, каде што се вградени сите клучни делови – трупот, крилјата, опашката, слетувачкиот систем и моторите.


Од наредната година се очекуваат тест-летови, додека патниците наскоро би можеле првпат да летаат без запирање на релациите Сиднеј–Лондон и Сиднеј–Њујорк. Со тоа, вкупното времетраење на патувањето ќе се скрати и до четири часа во однос на денешните летови со трансфер.

Што е „Project Sunrise“?

Идејата за „Project Sunrise“ датира уште од 2017 година, кога „Qantas“ го најави планот да го поврзе источниот брег на Австралија со големите светски центри преку директни летови.

За реализација на проектот се нарачани 12 авиони „Airbus A350-1000ULR“, специјално дизајнирани за екстремно долги летови. Фокусот не е на бројот на патници, туку на удобноста и издржливоста.


На патниците ќе им бидат на располагање повеќе класи, од економска и премиум економска до луксузни бизнис и прва класа.

Зона за закрепнување и помал замор

Еден од најинтересните новитети е посебната „Wellbeing Zone“ – простор наменет за сите патници за истегнување, движење и релаксација за време на летот, со водени содржини и здрава храна.

Иако директниот лет го скратува патувањето (кое моментално трае и до 27 часа со трансфер во Сингапур, Дубаи или Абу Даби), проблемот со временската разлика останува. Сиднеј е дури 10 часа пред Лондон.

За да се ублажи т.н. џет-лаг, авионот ќе има 12 различни светлосни режими, вклучувајќи симулација на изгрејсонце и зајдисонце. Овие режими автоматски ќе се менуваат за да им помогнат на патниците полесно да се прилагодат на временската зона на дестинацијата.

Кога почнуваат летовите и колку ќе чинат?

Првиот авион треба да биде испорачан кон крајот на 2026 година, додека почетокот на комерцијалните летови се очекува во првата половина на 2027 година.

Според проценките, билетите ќе бидат околу 20 отсто поскапи во однос на сегашните летови на истата рута кои вклучуваат трансфери. За споредба, летовите на компанијата „British Airways“ од Лондон кон Сиднеј моментално чинат меѓу 721 и 1.278 фунти во економска класа.


Уште една клучна рута

Покрај линијата меѓу Лондон и Сиднеј, „Project Sunrise“ опфаќа и директни летови меѓу источна Австралија и аеродромот Џон Ф. Кенеди во Њујорк.

И оваа рута би требало да трае околу 22 часа, со што дополнително ќе ги помести границите на модерниот авио-сообраќај, пишува „Metro.co.uk“.