Военото планирање за можна операција на Пентагон во Куба, наводно, се засилува во случај претседателот Доналд Трамп да нареди интервенција.
Според информации од два извора запознаени со наредбите, военото планирање за различни сценарија се одвива во тајност, додека администрацијата на Трамп врши сè поголем притисок врз Куба. Овој потег претставува значително заострување на тензиите меѓу Вашингтон и Хавана, откако Соединетите Држави ги ограничија испораките на нафта за Куба како дел од поширока кампања за спроведување длабоки политички промени, пишува „USA Today“. Пентагон соопштил дека планира широк спектар можности и дека останува подготвен да ги изврши претседателските наредби, се наведува во официјална изјава за „USA Today“.

Тензиите дополнително се засилија во последните неколку недели, и покрај тоа што администрацијата на Трамп моментално е фокусирана на војната со Иран. На прашање од новинар на „USA Today“ во Белата куќа, Трамп рекол: „Можеби ќе свратиме на Куба кога ќе завршиме со ова“, мислејќи на конфликтот со Иран. Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел остро возвратил во неодамнешно интервју за „Newsweek“. Порачал дека Куба ќе пружи отпор ако САД покренат воена акција. Потсетуваме, Мигел Дијаз-Канел изјави дека нема да се повлече од местото лидер и се спротивстави на растечкиот американски притисок. Тој открил дека неговата земја се подготвува за напад од САД и истакнал дека е подготвен да умре пружајќи отпор на американскиот претседател Доналд Трамп. Исто така рекол дека нема „оправдување Соединетите Држави да покренат воена агресија против Куба“.

Во интервју за „NBC News“, Дијаз-Канел јасно рекол дека неговата земја е подготвена да се бори до крај и дека нема да отстапи пред притисокот од Вашингтон. „Инвазија на Куба би имала цена. Би влијаела врз безбедноста на Куба, Соединетите Држави и целиот регион“, рекол Дијаз-Канел преку преведувач. „Ако тоа се случи, ќе има борба, ќе има отпор, ние ќе се браниме, а ако треба да умреме – ќе умреме, затоа што, како што вели нашата национална химна: ’Да се умре за татковината значи да се живее‘“, нагаласил тој. Претседателот истакнал дека нема никакво оправдување за американска воена агресија врз Куба и повикал на дијалог наместо на конфронтација.

Доналд Трамп отворено најави дека по Иран веќе размислува за нови цели, а меѓу нив особено се издвои Куба, која директно ја прогласи за „следна“. Говорејќи на самитот во Мајами, Трамп јасно порача: „Куба е следна.“ Неколку дена претходно, во Овалната соба, дополнително ги појасни своите намери, велејќи: „Верувам дека ќе ја имам честа да ја преземам Куба. Тоа е голема чест – да ја преземеш Куба на овој или оној начин“. Тој веќе со години Куба ја означува како непријател на Соединетите Држави со кој владеат „злите сили на комунизмот“.
Иако САД и Куба во март разговараа за можен економски договор што би ги одмрзнал односите, компромис меѓу двете страни сè уште не е на повидок. Пентагон нагласува дека станува збор за рутинско планирање, но извештаите за засилени подготовки веќе се проширија низ Вашингтон.















