Некаде на Медитеранот, во поплочена кујна, на масата стои пластичен пепелник со логото на Синзано, чаша Кампари и стар грамофон. Двајца мажи во поло-маици од осумдесеттите гледаат директно во камерата, со неподвижни лица, како да чекаат автобус. Потоа започнува звук на синтисајзер.
Видео снимките на дуото „Мајнд Ентерпрајсис“, кое го сочинуваат Андреа Тироне и Роберто Коњиљаро , веќе повеќе од една година доминираат на социјалните мрежи со својот ироничен и ретрофутуристички стил. Со војната во Иран станаа и ненамерен политички симбол. Нивните кратки видеа се претворија во духовит европски одговор на горчината и гневот што доаѓаат од другата страна на Атлантикот.
Кои се Секо и Бафоне?
Андреа Тироне е познат како Секо и по професија е тон-мајстор. Роберто Коњиљаро , познат како Бафоне, е тапанар. Она што денес е глобален феномен започнало како серија видео снимки снимени за забава во кујната на нивниот стан во Барселона.
Сепак, не станува збор за двајца анонимни луѓе кои алгоритмот ги прославил. Тироне уште во 2012 година го напуштил Торино и се преселил во Лондон, а потоа на Лас Палмас де Гран Канарија. Таму во 2017 година настанал синглот „Monogamy“, кога проектот почнал да добива појасни контури, пишува „Corriere della Sera“.
Дуото официјално е основано во 2020 година, кога потпишале договор со „Because Music“, една од најпознатите европски издавачки куќи за денс-музика.
Нивниот успех не се темели само на итало-диско звук кој лесно влегува во уво, туку и на внимателно осмислен визуелен идентитет. Облеката, мебелот и фотографијата изгледаат како да се извлечени од стара семејна снимка пронајдена во подрум, иако сè е осмислено со речиси филмска прецизност.
Гледањето на нивните спотови создава чувство како да сте заглавени во саботно попладне во 1983 година и таму воопшто да не ви е лошо.
Од носталгија до политички симбол
Експлозијата на популарноста на социјалните мрежи се случила во 2025 година. Видео снимките на Секо и Бафоне во фармерки, шарени поло-маици, со цигара во рака и пијалаци од осумдесеттите го преплавиле интернетот.
Во последните недели тонот се променил. Со зајакнувањето на европската реакција на американската надворешна политика и последиците од конфликтот со Иран, нивните мемиња станале ненамерен симбол на поинаков европски идентитет.
Форматот е едноставен. Некој објавува провокација, било да станува збор за барањето на Доналд Трамп Европа да испрати бродови во Ормускиот теснец, заканите на Бенјамин Нетанјаху кон Шпанија или пораки од американски корисници за европската сиромаштија, а одговорот е секогаш ист: исечок од Секо и Бафоне како неподвижно свират на балкон.
Формулата функционира затоа што не бара објаснување. Рамнодушноста на двајцата музичари зборува доволно сама за себе. Негрони како иронична противтежа на црвената капа на Трамп и опуштен танц како одговор на агресивната реторика делуваат токму затоа што не изгледаат како политичка порака.
Светски успех и нов албум
Дуото ја искористило својот популаритет и моментално е на светска турнеја. Иронично, речиси сите настапи во Соединетите Американски Држави се распродадени, а врвот бил нивниот настап на фестивалот Коачела минатиот викенд.
Наскоро излегува и новиот албум „Negroni Love“, најавен за 22 мај. Албумот дополнително го проширува нивниот препознатлив свет на медитеранска носталгија, ноќни бегства, цигари, фудбал и бескрајни европски лета.
Синглот „Tuttosport“, именуван по истоимените спортски новини од Торино, носи резултати од италијанскиот фудбал од некои минати времиња, придружени со хипнотичен електронски ритам.
Секо и Бафоне не планирале да станат симбол. Само снимале видео снимки во својата кујна, со вистинска облека и погрешно осветлување. Останатото го завршиле алгоритмите и моментот во кој Европа, изгледа, посакала да се препознае токму во двајцата мажи што танцуваат со цигара во уста.










