[ВИДЕО] Пристигнува новото продолжение на „Запознај ги родителите“, Аријана Гранде им се придружува на Роберт де Ниро и Бен Стилер

Точка

16/04/2026

21:15

237

Големина на фонт

а а а

Објавен е првиот трејлер за филмот „Во сродство со Фокер“ (Focker-In-Law), новото продолжение на една од најуспешните комични франшизи на сите времиња, кој уште на прв поглед јасно покажува: хаосот, незгодните ситуации и семејните „тестови“ одат на ново ниво.

Филмот во кината пристигнува кон крајот на ноември во дистрибуција на „Blitz“ филм.

Содржина на филмот

Во центарот на приказната повторно се Грег Фокер (Бен Стилер) и неговиот незаборавен свекор Џек Бирнс (двојниот оскаровец Роберт Де Ниро), чиј однос со децении балансира помеѓу апсолутн недоверба и неизбежна семејна поврзаност. Но овој пат — работите стануваат уште покомплицирани.


Во игра влегува нова генерација и нови односи, а со нив и целосно нови предизвици за веќе добро познатиот „круг на доверба“. Како шлаг на тортата, на франшизата ѝ се придружува глобалната поп-сензација и актерка Аријана Гранде.

Во „Во сродство со Фокер“, Гранде ја толкува Оливија Џонс – девојка на синот на Фокер, која веднаш остава силен впечаток врз семејството. Нејзиниот лик е амбициозен и успешен, а открива дека е обучена како преговарач во заложнички ситуации во ФБИ.

Сепак, токму нејзината блискост со ликот на Де Ниро создава напнатост со Фокер, кој не е сигурен дали може да ѝ верува, додека остатокот од семејството целосно ја прифаќа.

На промоцијата во Лас Вегас, Стилер на шега изјави дека „можеби тој е новиот де Ниро во франшизата“, по што легендарниот актер се појави на сцената и предизвика аплауз кај присутните. Де Ниро, пак, ја пофали Гранде, нарекувајќи ја „веројатно најсмешниот партнер со кој имал можност да глуми“.

Покрај нив, се враќа и омилената екипа: Овен Вилсон, Блајт Данер и Тери Поло — што гарантира препознатлива динамика која ја направи оваа франшиза глобален феномен.

Она што отсекогаш ги издвојува Фокери не е само хуморот, туку прецизното погодување на универзалната вистина: запознавањето на семејството никогаш не е едноставно — а кога мислиш дека не може полошо, секогаш може.

„Во сродство со Фокер“ оди чекор понатаму — истражува како изгледа кога генерациите се судираат, кога авторитетите се преиспитуваат и кога границите на приватноста се бришат во ерата на нови односи и општествени норми. Резултатот? Комбинација од интелигентна комедија, непријатни (но урнебесни) ситуации и емоционално препознатливи моменти што гарантираат широка публика — од фановите на оригиналот до новата генерација гледачи.


Филмот го потпишува Џон Хамбург, сценарист на сите претходни продолженија, кој овојпат ја презема и режисерската палка — што обезбедува континуитет на тонот и хуморот што публиката го очекува.

Филмот „Во сродство со Фокер“ треба да пристигне во кината за Денот на благодарноста, а според првите реакции, се очекува да донесе нова доза хумор во веќе добро познатата филмска приказна.