Кијану Ривс уште еднаш докажа дека е најдобриот лик во Холивуд – новиот потег на актерот ја воодушеви јавноста

Точка

09/04/2026

18:00

580

Големина на фонт

а а а

Кијану Ривс уште еднаш ја потврди својата репутација како најдобар човек во Холивуд откако одговорил на молбата на 16-годишна девојка и ѝ помогнал да сними документарен филм.

Приказната започнала пред пет години, кога тогаш 16-годишната Бјанка Мичел-Авила испратила е-пошта до агентот на Ривс. Инспирирана од шахистките кои се борат за своето место во спорт во кој доминираат мажи - каде што дури 85 проценти од натпреварувачите се од машки пол - таа сакала да сними документарец за своето патување низ Америка и животните лекции што ги научила од древната игра.

Идеја за меч со Џон Вик

Кулминацијата на нејзиниот филм требало да биде шаховски меч против славна личност на која луѓето ѝ се восхитуваат, а ѕвездата на „Matrix“ ѝ се чинела како совршен избор. Сега 21-годишната режисерка, во пресрет на премиерата на својот филм „Madwomen’s Game“, се потсетила на својата идеја.

„Помислив: ‘Знаете што би било лудо? Да одиграм епски меч против Џон Вик’“, изјави таа. Во својата речиси очајничка молба до агентот напиша: „Знам дека е многу зафатен и можеби нема да има време да учествува во нешто толку мало, но навистина сакав да се обидам“.

На нејзино големо изненадување, веќе следното утро ја пречекал одговор од Ривс. „Ме трогнаа тонот, амбицијата и визијата на целиот проект во неговите зачетоци“, рекол актерот. „Потоа Бјанка и јас разговаравме преку „Zoom“, а впечатокот што го стекнав читајќи ја пораката се потврди и во разговорот со неа“.

Иако нејзината првична замисла за партија шах со Ривс, кој и самиот бил член на средношколски шаховски тим, на крајот била исфрлена од филмот, актерот се приклучил на проектот како извршен продуцент за да ѝ обезбеди максимална поддршка на младата филмаџика.


„Знаев дека навистина му е грижа“

„Во овој случај, мојата улога како извршен продуцент се сведуваше на тоа со своето име да застанам зад проектот и така да му дадам вредност која, според мислењето на другите, би можела да помогне филмот воопшто да се сними“, објасни Ривс. Мичел-Авила, и самата поранешна шахистка, истакна дека Ривс останал активно вклучен во продукцијата, давајќи ѝ совети и поддршка во тешките моменти.

„Понекогаш сте на состаноци и гледате дека некои луѓе едноставно не ве слушаат“, рече таа. „Со него беше сосема спротивно. Знаев дека го слуша тоа што го зборувам и дека навистина му е грижа. Не беше само ‘Во ред, ќе те сослушам’, туку ‘Како можам да ти помогнам?’“.

Документарниот филм „Madwomen’s Game“ премиерно ќе биде прикажан на 16 април на Филмскиот фестивал во Мајами.