Мартинијан Кириловски објави нова песна „Sećanje na april“ – современа музичка приказна инспирирана од емоцијата на култната „April u Beogradu“ на Здравко Чолиќ, една од најзначајните композиции поврзани со фестивалот Beogradsko prolece.
Станува збор за песна што носи препознатлива носталгија, но во исто време звучи свежо и актуелно, градејќи сопствен израз без директна споредба со оригиналот што ја инспирирал.
„Sećanje na april“ првично беше подготвена за учество на фестивалското издание во 2026 година, но по одлуката јубилејното, 65-то издание на Beogradsko proleće да се реализира во ревијален формат, без натпреварувачки дел, авторскиот тим одлучи песната да ја објави како самостоен проект, во чест на големиот јубилеј.
Музиката и текстот се дело на Митко Чешларов, додека аранжманот го потпишува Ангел Ќосев. Заедно создаваат композиција што зборува за љубовта, времето и спомените што остануваат, теми што лесно се препознаваат, но ретко се пренесуваат со ваква едноставност и искреност.
Интерпретацијата на Кириловски е моќна и емотивна, со природен тек што ѝ дозволува на песната да „дише“ и постепено да ја гради атмосферата.

Во рамки на проектот е реализиран и видео запис во режија на Алек Тасевски, во кој како модел се појавува Лара Денковиќ. Видеото ја следи естетиката на песната – минималистичка, но визуелно впечатлива, со акцент на емоцијата и приказната.
„Sećanje na april“ не се обидува да го повтори минатото, туку го продолжува чувството што музиката го остава низ времето.








