[ВИДЕО] Бочварски: Власта ветуваше 250 милиони евра годишно од унгарскиот кредит за општинските проекти, се реализираат само 16 проценти

Макфакс

08/04/2026

16:48

145

Големина на фонт

а а а

Пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања од опозицијата, постави прашање до министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во однос на потфрлувањето на реализацијата на проектите во општините, за што владата најави 250 милиони евра од унгарскиот кредит.

Бочварски посочи дека откако завршија локалните избори, интензитетот на овие проекти опаѓа, и а владата со намален интензитет работи на овие проекти кои што беа најавени како многу значајни за граѓаните.

„Она што го имаме како чувство, и во опозицијата, но и помеѓу граѓаните во сите контакти коишто ги имаме, е дека откако завршија локалните избори, интензитетот на овие проекти опаѓа, и секако чувството е дека Владата со намален интензитет работи на овие проекти кои што беа најавени како многу значајни за граѓаните.

Дали тоа се должи на губење на фокус кон локалните средини веднаш штом завршија локалните избори, е прашање за Владата, но и прашање за кое што граѓаните бараат искрени одговори“.

Во 2025 година, посочи тој, беа предвидени 100 милиони евра, па потоа беа со ребаланс намалени на 40 милиони евра, што, како што рече, е огромно потфрлање во проценките за буџетот за 2025 година.

„За оваа, 2026 година, се проектирани само 50-тина милиони евра за овие проекти, што значи дека се ветуваа 250 милиони евра годишно, а се реализираат некаде околу 40 милиони евра годишно за овие локални проекти.

Пред неколку седници за пратенички прашања поставив слично прашање во однос на овие проекти, во делот на реализација на средства за локалните проекти од овој кредит, но тогаш не добив конкретен одговор. Добив некои паушални бројки кои што немаат врска со реалноста. Но она кое што успеав да го обезбедам се овие бројки дека нема ниту приближно реализација на овие проекти кои што беа ветувани пред граѓаните. Првото прашање конкретно ми е дали ќе има нови повици за општините за реализација на ваков тип на проекти“.

Дали во министерството сметаат, праша Бочварски, дека е погрешно ветувањето за тие „фантастични 250 милиони евра годишно во локалните средини, или пак сметаат дека ветувањето било на место, но реализацијата во општините потфрлила“.