Сакаат во ЕУ, а убедени се и дека можат да помогнат против Русија: „Ние носиме нешто уникатно на масата“

Точка

07/04/2026

21:16

807

Големина на фонт

а а а

Сместена помеѓу Романија и Украина, оваа мала земја со години се обидува да се приклучи на Европската Унија. Иако ова би ѝ донело значителни безбедносни гаранции, Молдавија е уверена дека и таа може да ја направи алијансата побезбедна.

„Пристапувањето на Молдавија често се опишува како безбедносна гаранција за нашата земја – и тоа е. Но, тоа е исто толку стратешка инвестиција во безбедноста на самата Европа“, изјавила за Политико Кристина Герасимов, заменик-премиерка на Молдавија за европска интеграција.

Молдавија ја обвини Русија за спроведување големи кампањи за мешање во изборите и дестабилизација во 2024 и 2025 година, што Москва го негираше. Покрај тоа, источноевропската земја демонтираше прекугранична мрежа која обучувала млади мажи и жени во тајни кампови за да спроведуваат наводни руски операции за дестабилизација во Франција и Германија.


„Ние носиме нешто уникатно на масата. Тешко стекнато знаење и теренски тестирани решенија против руските хибридни закани“, рекол Станислав Секриеру, советникот за национална безбедност на молдавската претседателка, додавајќи дека Молдавија ги споделила лекциите научени од спротвставувањето на Кремљ со земјите-членки на ЕУ кои одржуваат избори оваа и следната година. „Молдавија, преку обиди и грешки, тестираше и успешно имплементираше контрастратегии. Можеме да споделиме експертиза во борбата против нелегалното финансирање, борбата против дезинформациите, сајбер безбедноста и заштитата на интегритетот на изборните процеси“.


Маја Санду, претседателката на Молдавија е на турнеја низ европските престолнини за да изнесе аргументи зошто Европската Унија треба да ја прими нејзината земја. Во говорот пред латвискиот парламент, таа ја претставила интеграцијата на Молдавија како прашање на „стратешка кохерентност“, тврдејќи дека оставањето земји како нејзината надвор од блокот би било подарок за Кремљ. „Европа што сериозно ја сфаќа својата безбедност, мора сериозно да го сфати и своето источно соседство. Не може да ја поддржува Украина со едната рака, а со другата да ги остава демократските нации во сиви зони“, изјавила Санду.


Во Кишињев минатиот јули, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека иднината на Молдавија е во Европската Унија. „Покажавте неверојатна храброст и решителност“, рекла таа, додавајќи дека Молдавија има историска можност да продолжи напред. „Она што вас ве прави горди, нè прави и нас заедно горди. Покажавте вистинска солидарност. Ги распоредивте вашите пожарникари заедно со нашите во клучните области со висок ризик во текот на летните месеци. Значи, кога Молдавија ќе се приклучи на Европската Унија, сите ќе бидеме побезбедни, поотпорни и пообединети. Маја, рековте дека за Молдавија, Европа е сон што мора да стане реалност. Ние во Европската Унија ќе направиме сè што можеме за да го оствариме вашиот сон“, истакнала Фон дер Лајен тогаш.