Ирански министер: Ќе го отвориме Ормускиот теснец две недели

Макфакс

08/04/2026

06:47

1.853

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека се согласил да „ги запре бомбардирањата и нападите врз Иран за период од две недели“ под услов Техеран да се согласи целосно да го отвори Ормускиот теснец.

Трамп претходно му даде рок на Иран до вторник до 20 часот по американско време – или 2 часот по средноевропско време – повторно да го отвори Ормускиот теснец, клучен пат за глобалните испораки на нафта. Во спротивно, се закани дека ќе уништи „цела цивилизација“.

Ирански министер за надворешни работи: Ќе го отвориме Ормускиот теснец две недели

„Во име на Исламската Република Иран, изразувам благодарност и почит кон моите драги браќа, Неговата екселенција премиерот Шариф од Пакистан и Неговата екселенција фелдмаршал Мунир, за нивните неуморни напори за ставање крај на војната во регионот.


Како одговор на братското барање на премиерот Шариф во неговото соопштение на X, и земајќи го предвид барањето на Соединетите Американски Држави за преговори врз основа на нивниот предлог од 15 точки, како и соопштението на претседателот на САД за прифаќање на општата рамка на иранскиот предлог од 10 точки како основа за преговори, со ова изјавувам во име на Врховниот совет за национална безбедност на Иран:

Доколку нападите врз Иран бидат запрени, нашите моќни вооружени сили ќе ги прекинат своите одбранбени операции.

Во период од две недели, ќе биде обезбеден безбеден премин низ Ормускиот теснец, во координација со иранските вооружени сили и земајќи ги предвид техничките ограничувања“, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

Иран прогласи победа

Иран тврди дека извојувал голема победа и ги принудил САД да го прифатат планот од 10 точки, се вели во соопштението на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.

Ова се 10-те точки:

Обврска за ненапаѓање
Продолжување на иранската контрола врз Ормускиот теснец
Прифаќање на збогатувањето на ураниум
Укинување на сите примарни санкции
Укинување на сите секундарни санкции
Укинување на сите резолуции на Советот за безбедност на ОН
Укинување на сите резолуции на Одборот на гувернери
Исплата на одштета на Иран
Повлекување на американските борбени сили од регионот
Крај на војната на сите фронтови, вклучително и против Хезболах во Либан