Необичниот свет на октоподите: Како мажјаците можат да ја оплодат партнерката а притоа ни да не ја видат

Точка

08/04/2026

13:00

318

Големина на фонт

а а а

Одамна е познато дека октоподите можат да се парат „на далечина“, така што мажјакот ја држи женката на растојание, „на должина на рака“.

За овој чин, тој користи специјализирано пипало наречено хектокотилус, кој го користи за да вметне кесичка со сперма во репродуктивниот систем на женката.

Сепак, досега на научниците не им беше јасно како ова пипало го наоѓа вистинското место кога мажјакот не гледа што прави. Новата студија открива како хектокотилусот „се снаоѓа“.

Мажјаците октоподи „го чувствуваат вкусот“ на женските хормони

За време на парењето, мажјакот го вметнува хектокотилусот во „плаштот“ на женката, структура слична на вреќа зад очите во која се сместени нејзините главни органи, вклучувајќи ги и репродуктивните органи, и „опипува“ додека не го пронајде јајцеводот.

Како точно го постигнува ова објаснето е во трудот објавен оваа недела во списанието „Science“.

Истражувачите откриле дека оваа „рака“ има посебни сетила, бидејќи како и другите краци на октоподот, има бројни пијавки со хемотактилни рецептори.


Во преостанатите седум пипала, овие рецептори им помагаат на октоподите да ја „вкусат“ околината додека функционираат како јазик, овозможувајќи им да најдат храна или да препознаваат штетни микроорганизми.

Меѓутоа, кај  хектокотилусот, кој инаку се држи блиску до телото кога не се користи за парење, нивната функција претходно била нејасна.

За време на истражувањето, научниците откриле дека јајцеводот на женката произведува ензими кои го создаваат половиот хормон прогестерон.

Тие откриле дека рецепторите на пипалото му овозможуваат на мажјакот да детектира прогестерон, што значи дека може да ја оплоди женката дури и кога не може да ја види.

Со анализа на клетките на хектокотилусот кај три индивидуи, истражувачите пронашле три пати повеќе хемотактилни рецептори и три пати повеќе неврони отколку кај нормално пипало, пренесе „Euronews“.


Парење „на слепо“

Употребата на хормони за време на парењето не е невообичаена кај животните, но обично органот што ги детектира хормоните е различен од оној што ги транспортира сперматозоидите.

Меѓутоа, кај октоподите, хектокотилусот ги извршува двете функции, што истражувачите го припишуваат на нивната осамена природа.

„Има смисла пипалото да е и сензор и орган за парење, бидејќи во овие случајни средби мора брзо да пронајде женка, да го лоцира јајцеводот и веднаш да започне со парење или да се откаже“, изјавил професорот Николас Белоно од Универзитетот Харвард за британскиот весник „Гардијан“.

Самотничкиот начин на живот на октоподите, исто така, претставувал предизвик за лабораториските истражувања.

Мажјакот и женката биле сместени во ист резервоар, но одделени со преграда, бидејќи често стануваат агресивни и можат дури и меѓусебно да се убијат.


Преградата имала отвори низ кои октоподите можеле да ги протегаат своите пипала и постепено да се „запознаваат“.

Научниците планирале да ја отстранат преградата откако единките ќе се навикнат една на друга, но биле изненадени кога мажјакот го протнал своето пипало за парење низ отворот и го вметнал во „плаштот“ на женката.

Кога го повториле истиот експеримент со други парови, го добиле истиот резултат.

Исто така е важно што истото однесување се одвивало во целосна темница, што дополнително ја потврдува хипотезата дека октоподите можат да се парат без никаков визуелен контакт.