Мисајловски на првата сесија на Стратешкиот дијалог со САД: Повеќе од три декади заеднички ги развиваме одбранбените капацитети, продолжуваме со иста посветеност и во иднина

Макфакс

07/04/2026

20:08

144

Големина на фонт

а а а

Во рамки на Стратешкиот дијалог со САД кој се реализира во Вашингтон, министерот за одбрана Владо Мисајловски ја предводеше првата сесија од разговорите посветена на одбранбените и безбедносни прашања при што укажа на долготрајното партнерство помеѓу двете сојузнички земји кое „ги зајакнува одбранбените капацитети и ги зацврстува мирот и безбедноста.“

Пред претставниците на американскиот Стејт Департмент, Мисајловски истакна дека одбранбената соработка меѓу двете држави е на исклучително високо ниво, додавајќи дека постои потенцијал за уште посилна и посеопфатна соработка на полето на одбраната и безбедноста.

Министерот Мисајловски упати благодарност за сета досегашна поддршка од страна на САД и посочи дека ова стратешко партнерство е клучен фактор во процесот на трансформација, подобрување, развој и модернизација на нашите одбранбени капацитети и способности. „Континуираната поддршка од САД и останатите сојузници, преку дополнителни заеднички активности овозможува стабилен и одржлив безбедносен развој, усогласување со стандардите на НАТО и исполнување на НАТО целите на способност“, рече тој.

Во сите овие изминати 30 години, Мисајловски нагласи дека преку клучните програми за безбедносна соработка на САД кои опфаќаат активности меѓу кои и грантови, заеми, набавки и др. за сојузничките земји, се имплементирани 67 (околу 70) аквизициски проекти за потребите на македонската Армија. Дополнително, реализирани се голем број на заеднички вежбовни активности, обука, тренинг и едукација за персоналот во Министерството за одбрана и Армијата. „Во моментов во процес на набавка се 16 договори со САД кои вклучуваат опрема за различни видови одбранбени капацитети и согласно стратешките документи и Долгорочниот план за развој на одбранбени способности, разгледуваме дополнителни можности за континуиран и значаен развој на соработка со САД“.

За време на денешната прва сесија, Мисајловски се осврна и на одбранбениот буџет и плановите на раст, модернизација и опремување во текот на наредните 10 години, со цел достигнување на целите договорени на последниот Самит во Хаг односно инвестирање на 3,5% од БДП во одбранбениот буџет и дополнителни 1,5% од БДП за активности и проекти поврзани со безбедноста до 2035 година и посочи дека македонската Влада е сериозно посветена во остварување на договореното.

„Инвестициите во одбраната се стратешки фокусирани во делот на модернизација, зајакнување на интероперативноста, подготвеноста и отпорноста. Остануваме целосно посветени реализацијата на НАТО – целите на способности“, подвлече Мисајловски.

Во рамки на стратешкиот дијалог со САД, чиј фокус е продлабочување на стратешкото партнерство и долгорочна соработка на високо ниво, владината делегација ќе оствари повеќе средби со високи претставници од Стејт Департментот на кои покрај разговорите за одбраната и безбедноста ќе се разговара и за економската и енергетската соработка.