Дојде моментот за „нешто сино“. Зендаја на синоќешната премиера на филмот „The Drama“ во Њујорк, во фустан од „Schiaparelli“, го затвори кругот на своите модни изданија, за кои се претпоставува дека ја следат свадбената традиција.
Зендаја облече бајковито убав фустан од „Schiaparelli“, од колекцијата за пролет 2026. Тоалетата со раскошен дизајн ги воодушеви љубителите на модата кога првпат беше претставена на овогодишната Недела на висока мода во Париз.
Актерката стајлингот го заокружи со накит од „Tiffany & Co.“. Од средината на март, Зендаја и нејзиниот стилист Лоу Роуч осмислуваат модни изданија во духот на свадбената традиција која потекнува од викторијанското доба, а гласи: „носи нешто старо, нешто ново, нешто позајмено и нешто сино“.
Таа традиција треба на невестата да ѝ донесе среќа и благосостојба во бракот, а бидејќи веќе подолго време се шпекулира дека Зендаја се омажила за актерот Том Холанд, симболиката на нејзиниот стил се толкува токму од аголот на нејзината наводна венчавка.

Актерката која во последно време често носеше бели фустани, во стил на венчаници, прошета по црвениот тепих во стар фустан од „Vivienne Westwood“ во кој беше и на доделувањето на Оскарите во 2015 година.

За „нешто ново“ избра фустан од „Louis Vuitton“, а за „нешто позајмено“ фустан од „Armani“ кој прво го носеше Кејт Бланшет во 2022 година на доделувањето на SAG наградите. Во манирот на позајмено беше и белата креација со голем цвет, претходно видена на Сара Џесика Паркер.

Неодамна носеше фустани со сини детали, како моделите од „McQueen“ и „Zimmermann“, но синоќешниот стајлинг беше најмногу во духот на последната алка од свадбената традиција, односно „нешто сино“.

Зендаја сè уште не потврди дека се омажила за Холанд, откако нејзиниот стилист изјави дека венчавката се случила. А со ваков стил кажа доволно.
На црвениот тепих беше со Роберт Патинсон, со кого глуми во филмот „The Drama“.