Осличот е омилена риба во македонската кујна бидејќи е лесна, брзо се подготвува и одлична е за сите кои водат сметка за исхраната, а сакаат вкусен и здрав оброк.
Доколку имате дилема која риба да подготвите за Цветници, нека вашиот избор биде ослич од рерна. Благодарение на зачините и пченкарното брашно, осличот ќе има совршена кора без премногу масло, па ќе можете да го комбинирате и со компир салата и со помфрит – во зависност од тоа како повеќе го сакате подготвен компирот.

Филетите од ослич се одличен избор за брза и лесна подготовка бидејќи немаат коски, рамномерно се печат и се совршени за крцкав пох во рерна. Овој рецепт комбинира ароматични зачини и пченкарно брашно, што ја прави рибата мека и сочна внатре и совршено крцкава однадвор. Идеален е за постен ручек за Цветници, но и за сите кои сакаат риба и оброци без премногу маснотии.
Состојки:
• 550 г филети од ослич;
• 40 г пченкарно брашно;
• 70 мл маслo;
• 1 лажичка сол;
• ½ лажичка мелен црн пипер;;
• ½ лажичка лук во прав;
• ½ лажичка сув зачин од билки;
• ½ лажичка лута пиперка (алева).

Прво исчистете ги и измијте ги филетите од ослич, а ако се замрзнати, оставете ги да се одмрзнат неколку часа или преку ноќ. Потоа добро исушете ги со чиста крпа или со хартиена салфетка за да пченкарното брашно правилно се залепи и создаде крцкава кора.
Во сад измешајте го пченкарното брашно со солта, биберот, лукот во прав, сувиот зачин и алевата пиперка. Загрејте ја рерната на 180 степени, а плехот обложете го со хартија за печење или намачкајте го со 50 мл масло за рибата да остане сочна и да не се лепи. Ставете го плехот во рерна да се загрее – така филетите веднаш ќе почнат да се печат без да впиваат премногу маснотии.

Секоја филета внимателно завиткајте ја во мешавината од брашно и зачини од сите страни и наредете ги на плех, внимавајќи да не се преклопуваат. Преку филетите прскајте уште околу 20 мл масло за горната страна да стане убаво златна и крцкава. Печете околу 20 минути, потоа свртете ги филетите и печете уште 15 минути, додека не добијат рамномерна златна боја.
Сервирајте топло, со највкусната кремаста посна компир салата, печен компир од рерна или помфрит, парчиња лимон и свежи зачини по желба.
На здравје!