Нема потреба да се дискутира за вкусовите, тоа е сигурно. Сепак, никој не може да остане имун на природната убавина, па затоа сите секогаш се возбудуваат од разни пејзажи низ целиот свет. Туристичката страница „Time Out“ направи листа на најубавите места во светот, вклучувајќи и некои во нашата околина.
За жал, ништо не се наоѓа во Македонија, но можеме да бидеме горди што овие три места се во наша близина.
На 24-то место се најде Националниот парк Плитвички Езера во Хрватска
„Најголемиот и најстар национален парк во Хрватска вклучува 16 езера, бујни шуми и водопади од сите облици и големини, токму во срцето на земјата. Без разлика дали пешачите по дрвени патеки низ прастари дрвја или пловите по тие неверојатно сини води со чамец, тешко е да не се почувствувате како да сте стапнале во друг свет. Само не заборавајте да спакувате удобни чевли и крема за сончање - ќе бидете надвор цел ден“, пишува Јосет Пантер-Томас.


Таа препорачува зимскиот период за посета.
„Паркот е исклучително зафатен во текот на летните месеци - посетата во зима значи многу помалку гужви и можност да го видите пејзажот во неговиот снежен, нарниски најдобар облик, со замрзнати водопади“.
На само три места подолу се најде прекрасниот Которски Залив во Црна Гора
„Во Црна Гора, Јадранското Море се пробива низ тесни премини во стрмните Динарски Алпи и го формира Которскиот Залив. Тука, стегнат помеѓу вода и карпи, се наоѓа триаголниот, средновековен Стар Град Котор, со својата тврдина што ѝ пркоси на гравитацијата, која се извиткува по стрмните карпи. Иако е можно да се искачите по скалите на тврдината од градот, јас претпочитам да талкам по кривулестата овчарска патека на северната страна од тврдината. Токму тука, меѓу урнатините на напуштеното, безпатно село, можете да грицкате домашно овчо сирење и 'ржан леб во последната населена селска куќа, со поглед на стаклените, обсидијански води на заливот“, вели Пол Стафорд.


Неколку позиции подолу, Јањски острови, Босна и Херцеговина го пронајдоа своето место
„Светот почнува да ги препознава многуте чуда на Босна и Херцеговина, но спокојството на Јањските Острови е на сосема друго ниво“, истакнува Џон Билс, опишувајќи го ова чудо на природата како „мрежа од острови поврзани со прекрасни дрвени мостови, со кристално чиста вода, нескротено зеленило, слатки мали колиби и неколку мирни водопади. Блиската дождовна шума Јањ, која е заштитена од УНЕСКО, и нејзината спектакуларна биолошка разновидност се шлагот на тортата.


Совет за патување: „Јавниот превоз не е најефикасен, затоа изнајмете автомобил (или велосипед) и поминете го денот со ноќевање во кабина организирана од туристичката канцеларија Шипово“, велат туристичките работници.












