Што е синдром на „експлодирачка глава“ и има ли причини за грижа?

Точка

02/04/2026

18:09

382

Големина на фонт

а а а

Дали сте слушнале за синдромот „експлодирачка глава“? Експертите го опишуваат како парасомнија при која лицето при заспивање доживува ненадеен силен звук во главата, без вистински надворешен извор, што предизвикува силен страв, забрзана работа на срцето и чувство на збунетост.

Синдромот на „експлодирачка глава“, познат како ЕХС (EHS), спаѓа во парасомниите, група нарушувања на спиењето што се карактеризираат со невообичаени и непријатни доживувања кои го прекинуваат сонот. Во истата група спаѓаат и појави како парализа при спиење, кога лицето не може да се помрдне или да зборува при заспивање или будење, како и таканаречените „sleep starts“, односно ненадејни неволни тикови на мускулите додека тонеме во сон.

Иако името на овој синдром звучи загрижувачки, експертите нагласуваат дека ЕХС не е опасен и не се смета за знак на оштетување на мозокот. Професорката Флави Вотерс од „School of Psychological Science“ при Универзитетот на Западна Австралија објаснила дека кај оваа состојба лицето „слуша“ ненадеен звук во главата. Станува збор за сетилно доживување што настанува во мозокот, а не за вистински надворешен звук и се јавува при заспивање или будење, најчесто во моменти на поспаност.


Луѓето епизодите на ЕХС ги опишуваат како звуци на ненадејна бучава, експлозија, зуење на струја, трескање врата или огномет. Нападите обично траат само неколку секунди и по целосното будење не оставаат видливи симптоми. Некои имаат само едно вакво доживување во животот, додека други поминуваат низ повремени епизоди или кратки серии напади пред состојбата спонтано да се смири. Многумина при тоа се плашат дека доживеале мозочен удар или епилептичен напад, или дека се случило нешто катастрофално, додека други ова искуство го толкуваат како паранормална или злокобна појава.

Стравот и непријатноста што го придружуваат ЕХС не се последица на болка, туку на збунетост и силна реакција на алармниот систем на телото. Мозокот тогаш е делумно буден, дезориентиран и накратко ја активира реакцијата „бори се или бегај“. Кај оние што се сомневаат дека доживеале вакво нарушување, експертите издвојуваат неколку препознатливи знаци.

Првиот и основен знак е ненадеен, гласен звук што нагло ја буди личноста, иако во околината нема вистински извор на бучава. Предавачот по психологија на Универзитетот во Јорк, лекарот Ден Денис, истакнал дека епизодите обично вклучуваат краток, но многу гласен звук за време на преминот од будност во сон. Звуците траат само неколку секунди, исклучително се интензивни и секогаш се без видлива надворешна причина.


Според податоците на „Кливленд Клиник“ повеќето луѓе за време на нападот не чувствуваат физичка болка, Сепак, дел од заболените пријавуваат краткотрајна болка во главата. Физичка болка се јавува кај помал број лица.

Синдромот на „експлодирачка глава“ не се ограничува само на аудитивни доживувања. Некои лица пријавуваат и краткотрајни визуелни халуцинации, како блесоци на силна светлина.

Покрај тоа, дел од луѓето за време на епизодата чувствуваат и силни телесни сензации. Опишани се бранови на интензивна топлина што поминуваат низ горниот дел од телото. Вотерс додала дека некои опишуваат „струја што поминува низ телото“ или дури „вонтелесни доживувања“.

Поради ненадејното будење и шокот, не се ретки ниту изразени физиолошки реакции. Некои луѓе чувствуваат забрзана работа на срцето. „Кливленд Клиник“ наведува дека заболените често пријавуваат и потење, како и отежнато дишење по наглото будење.

За време на епизодите на ЕХС чести се и ненадејни тикови и грчење на мускулите. Стручната литература наведува дека ЕХС им е познат на лекарите уште од 19 век. Денис истакнал дека синдромот најрано бил документиран во 1876 година, додека Вотерс потсетила на записи според кои францускиот филозоф Рене Декарт можеби доживеал сличен феномен уште во 1619 година. Сепак, современата медицина јасно го опишува како безопасна состојба.


„И покрај драматичното име, синдромот ‘експлодирачка глава’ е безопасен“, нагласила професорката Вотерс. Точната причина не е целосно разјаснета, но една од теориите го поврзува со процесите што стојат зад сетилните халуцинации при заспивање. Како што објаснила, додека тонеме во сон, различни делови од мозокот постепено се исклучуваат во прецизно координиран редослед. Кај ЕХС, тој процес може да биде поврзан со исклучување на невроните кои вообичаено ја кочат слушната обработка на информации, па мозокот ова нарушување го толкува како ненадеен силен звук.

Феноменот ЕХС може да го погоди секого, но нешто почесто се појавува кај жените. Лицата кои веќе страдаат од други нарушувања на спиењето, како несоница или парализа при спиење, почесто известуваат за вакви епизоди. Се проценува дека ЕХС се јавува кај најмалку 10 отсто од популацијата, а околу 30 отсто од луѓето ќе го доживеат барем еднаш во животот.

Како вид самопомош се препорачува решавање на проблемите со спиењето, како несоница, намалување на заморот, како и техники за опуштање, свесност и вежби за дишење. Вотерс нагласила дека задолжително треба да се обратите кај лекар ако епизодите се јавуваат често, значително го нарушуваат квалитетот на животот или предизвикуваат силна емоционална вознемиреност, пишува „The Sun“.