Иако мисијата „Artemis II“ сама по себе е исклучително важна, таа не би била можна без контролниот центар на Земјата кој ќе управува со целиот процес, а двете фотографии од овие простории што ги објави НАСА најдобро говорат за текот на времето и технолошкиот бум низ кој поминавме како цивилизација.
Имено, НАСА објави фотографија од контролниот центар на мисијата Аполо, која испиша историја со испраќањето астронаути на површината на Месечината.
Првата фотографија што ја објави НАСА потекнува уште од периодот 1969 година кога луѓето првпат стигнаа на Месечината. Во контролниот центар на периферијата на Хјустон, една од просториите беше опремена целосно со модерни системи за тоа време.

Зад сето ова стоеше напреден глобален комуникациски систем и пет најнови IBM 360 компјутери кои во реално време го анализираа секој аспект од брзината, траекторијата и состојбата на вселенското летало.
Секоја работна станица беше одговорна за различен систем на вселенското летало. Рачките од двете страни на мониторите беа поставени така што лесно можеле да се заменат во случај на дефект – што беше прилично честа појава со катодните цевки (пред технологијата на рамни екрани, поправката на телевизори беше профитабилен бизнис).
Многу прекинувачи служеа за комуникација, а контролорите можеа да се „вклучат“ во разговорите со своите тимови на други локации, да разговараат директно со директорот на летот или со сите останати во просторијата.
Повеќе од 50 години подоцна, контролниот центар во Хјустон доби сосема нов изглед, а бројот на екрани и компјутери преку кои се следат сите процеси во вселената тешко е и да се изброи.
Денес, Хјустон има две главни оперативни контролни простории – една за Меѓународната вселенска станица (ISS) и нова за „Artemis“.

Тимот во Хјустон ќе биде задолжен за одржување на мисијата на вистинскиот курс и безбедно враќање на екипажот на Земјата 10 дена подоцна. Работејќи во три смени, 24 часа дневно, контролата на мисијата ќе комуницира со астронаутите, ќе испраќа команди и ќе следи сè – од траекторијата и погонските системи до отчукувањата на срцата на астронаутите.
Уште еден необичен аспект на „Artemis II“ е тоа што екипажот ќе биде надвор од контакт со Земјата околу 40 минути кога ќе „исчезне“ зад Месечината. Траекторијата и законите на физиката значат дека леталото сигурно ќе се врати. Сепак, тоа нема да ја намали напнатоста во контролната соба која и во тој период ќе остане најважната алка за оваа историска мисија.









