Пораките разменети меѓу Закерберг и Маск беа објавени како дел од тужбата на Маск против компанијата „OpenAI“.
Иако односот меѓу Илон Маск и Марк Закерберг некогаш беше толку тензичен што Маск дури го предизвика Закерберг на борба во кафез, односите очигледно се затоплиле на почетокот од втората администрација на Трамп – барем според судските документи кои неодамна беа објавени.
Како што пренесува „Engadget“, пораките разменети меѓу Закерберг и Маск се појавија во рамки на тужбата на Маск против „OpenAI“. Тие се испратени на 3 февруари 2025 година, приближно во периодот кога Закерберг гостуваше во поткастот на Џо Роган, каде што се пожали дека корпоративна Америка станала „еманципирана“ (во смисла на губење на сила и одлучност).

Осврнувајќи се на агресивните напори на Маск за намалување на државната администрација преку Одделот за ефикасност на владата („DOGE“), Закерберг напишал: „Изгледа дека „DOGE“ напредува. Моите тимови се подготвени да отстранат содржина што открива приватни податоци (doxxing) или им се заканува на луѓе од твојот тим. Кажи ми ако има нешто друго што можам да направам за да помогнам.“
Маск реагирал со емотикон со срце, а потоа прашал: „Дали си отворен за идејата заедно со мене и уште неколкумина да поднесеш понуда за купување на „OpenAI“?“

Во одговорот, извршниот директор на „Meta“ предложил за таа идеја да разговараат телефонски. Според претходно објавените документи, Закерберг всушност никогаш официјално не се приклучил на понудата на Маск.






