Дембеле и Луис Енрике најплатени во Лига 1

Макфакс

02/04/2026

13:13

165

Големина на фонт

а а а

Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Усман Дембеле, со проценета бруто месечна плата од 1,5 милиони евра, и неговиот тренер, Шпанецот Луис Енрике (1 милион евра) се најплатенит меѓу играчите и тренерите во Лига 1 во 2026 година, објави „Лекип“.

Меѓу играчите, 13 од највисоките плати во лигата ги исплаќа ПСЖ, од Дембеле до голманот на француската репрезентација Лукас Шевалие (500.000 евра бруто месечно).

Бруто месечните плати од над еден милион евра имаат и дефанзивецот на бразилската репрезентација Маркињос (1,12 милиони евра), дефанзивецот на мароканската репрезентација Ашраф Хакими (1,1 милион евра) и дефанзивецот на француската репрезентација Лукас Ернандез (1,1 милион евра).

Играчот од средниот ред на данската репрезентација и член на Олимпик Марсеј, Пјер-Емил Хојбјерг, има највисока плата од сите играчи кои не играат за ПСЖ, која, според „Лекип“, е 500.000 евра, што е малку повеќе од неговите соиграчи Мејсон Гринвуд и Џефри Кондогбија, кои заработуваат 450.000 евра бруто месечно.

Меѓу тренерите, Луис Енрике е убедливо најплатен: во Лион, Португалецот Пауло Фонсека има втора највисока плата во Лига 1 со 350.000 евра бруто месечно, пред Хабиб Баје и неговите 230.000 евра бруто месечно во Марсеј.

Најмала месечна плата има Беноа Тавено, кој добива 25.000 евра бруто месечно во Мец, пишува „Лекип“.

Во просек, според „Лекип“, ПСЖ им плаќа на своите играчи 650.000 евра бруто месечна плата (во споредба со 647.000 евра минатата година), пред Олимпик Марсеј со 300.000 евра (во споредба со 250.000 евра во 2025 година) и Монако со 140.000 евра (исто како минатата година)