Писателот и новинар Алекс Престон признал дека „направил сериозна грешка“ откако еден читател забележал сличности помеѓу неговата критика и текст објавен во „The Guardian“.
„The New York Times“ ја прекина соработката со Алекс Престон, кој работеше како хонорарец, откако беше утврдено дека користел вештачка интелигенција при пишување на критика за книга, при што во текстот се појавија елементи што потсетуваат на рецензија на истата книга објавена во „The Guardian“.
Сè започнало кога еден читател укажа на сличности помеѓу јануарската рецензија на романот „Watching Over Her“ од Жан-Батист Андреа, напишана за „The New York Times“ од Алекс Престон, и текстот што уште во август го објавил Кристобел Кент во „The Guardian“.

„The New York Times“ потоа покренал внатрешна истрага. За време на процесот, Престон признал дека користел вештачка интелигенција како помош при пишувањето и дека не забележал делови преземени од текстот на „The Guardian“ пред да го предаде членокот. Во изјава за „The Guardian“ рекол дека е „длабоко засрамен“ и дека „направил сериозна грешка“.
Уредништвото на „The New York Times“ го известил „The Guardian“ за преклопувањето на содржината преку е-пошта, а на спорниот текст бил додаден и уреднички коментар во кој се признава користењето на вештачката интелигенција и се упатува на оригиналниот членок од „The Guardian“. Во напомената се наведува дека читателот го известил уредништвото за сличностите во формулациите и деталите, како и дека авторот признал користење на алатка што во нацртот вметнала делови од туѓата рецензија, кои тој не ги препознал ниту ги отстранил. Такво потпирање на AI и користење на туѓ текст без наведен извор се оценети како јасно кршење на професионалните стандарди на весникот.

Меѓу спорните делови биле и описи на ликови, каде изразот „мрзеливиот макијавелистички Стефано“ се појавува речиси идентично во двата текста, како и завршната оцена на романот. Во „The Guardian“, книгата се опишува како „првенствено љубовна песна за една земја полна контрадикции, ранета од војни, поделена, заблудена и чудесна Италија во која животот е костим, а уметноста постојана претстава, а циркусите никнуваат на пустините“. Во верзијата на „The New York Times“ стои дека ликовите „населуваат приказна која во суштина е љубовна песна на земјата на контрадикции, ранета, поделена, заблудена и чудесна Италија, во која животот е претстава, а циркусите никнуваат на пустините“.
Портпаролот на „The New York Times“ потврдил за „The Guardian“ дека Престон повеќе нема да соработува со овој весник. Тој за овој медиум напишал шест критики помеѓу 2021 и 2026 година, но тврдел дека во другите текстови не користел вештачка интелигенција.
„Направив сериозна грешка користејќи AI алатка за време на пишување на еден нацрт и не забележав ниту отстранив делови преземени од друга рецензија“, навел Престон во изјавата. „Поради сè што се случи искрено ми е непријатно и навистина ми е жал. Веднаш ја преземав одговорноста и се извинив на „The New York Times“, а сакам да се извинам и на Кристобел Кент и уредништвото на ‘The Guardian’.“

Престон во текот на кариерата пишувал за „Observer“ и „Financial Times“, а соработувал и со „The Guardian“ и „The Economist“. Автор е на шест книги, меѓу кои најновата „A Stranger in Corfu“, објавена во февруари. Исто така, работи како директор во советодавниот сектор на инвестиционата компанија „Man Group“. На почетокот на годината објавил и текст за нивниот сајт под наслов „AI меур: скриени ризици и можности“.










