Ворен Бафет во новото интервју рекол дека по објавувањето на новите документи поврзани со Џефри Епстин не разговарал со Бил Гејтс и дека свесно се дистанцирал затоа што не сака да се најде во ситуација да знае детали што би можеле да го доведат во улога на сведок.
Гејтс, пак, вели дека не е обвинет за никакво кривично дело и тврди дека не направил ништо „недозволено“.
Во интервју за „CNBC“, милијардерот и филантроп Ворен Бафет изјавил: „Воопшто не сум разговарал со него откако целата работа излезе на виделина“, и додал: „Не сакам да бидам во позиција да знам работи. Во овој момент би можел да бидам повикан како сведок“.

Во меѓувреме, Бил Гејтс е меѓу седумтемина луѓе кои Одборот за надзор и реформа на владата при Претставничкиот дом на САД ги повика да сведочат, а неговиот портпарол порача дека Гејтс „ја поздравува можноста да се појави пред Одборот“.
Бафет: „Не сакам да бидам во позиција да знам работи“
Бафет рекол дека никогаш не го запознал Џефри Епстин, а во разговорот повеќепати го опишал како „измамник“. „Ме запрепастува тоа што некој можел да биде толку успешен како измамник“, истакнал тој. Зборувајќи за времето поминато во Фондацијата Гејтс, признал дека немал целосен увид во сите околности. „Имаше многу работи што не ги знаев. Беше многу јасно дека не знаев многу работи“, рекол Бафет, додавајќи: „Не поставував продорни прашања.“

Од друга страна портпаролот на Гејтс изјавил за „People“: „Гејтс призна дека средбите со Епстин биле сериозна грешка во проценката. Како што веќе кажа, тој е посветен на тоа да одговори на сите прашања и да покаже дека никогаш не бил дел од криминалните активности на Епстин“.
На состанок на Фондацијата Гејтс на 24 февруари, Гејтс им рекол на вработените: „Не направив ништо недозволено. Не видов ништо недозволено“

Во посебно интервју за австралискиот „9News“, Гејтс ги отфрлил наводите од е-поштите вклучени во објавените документи. „Очигледно е дека Џефри си напишал е-пошта самиот на себе. Таа е-пошта никогаш не била испратена. Таа е-пошта е лажна“, рекол тој и додал: „Жалам за секоја минута што сум ја поминал со него и се извинувам што сум го направил тоа“. Гејтс притоа тврдел дека со Епстин разговарал поради можноста за собирање средства за глобално здравје и дека никогаш не бил на неговиот остров.
Донации на чекање
Според податоците на самата Фондација Гејтс, Бафет од 2006 до крајот на 2024 година ѝ донирал вкупно 43,3 милијарди долари. Ројтерс уште во јуни 2021 година објави дека тој се повлекол од местото довереник на фондацијата неколку недели откако Бил и Мелинда Френч Гејтс го објавија разводот. Во новото интервју рекол дека ќе почека со редовната јунска донација: „Ќе почекам да видам што ќе се случи“, додавајќи: „Акцијата нема никаде да исчезне“.

Бафет смета и дека целиот случај би можел да има пошироки последици за големите филантропски фондации. „Тоа тогаш беше големо преуредување на она што фондациите смееле да го прават. Мислам дека и ова ќе го има истиот ефект“, рекол тој, споредувајќи го можниот развој на настаните со конгресните истраги за фондациите од крајот на 1960-тите.















