Вечерва во Даблин, на „Авива“ стадионот, Македонија ќе и гостува на Република Ирска. Ова е дуел на поразените селекции во полуфиналните баражи за пласман на Светското првенство.
Македонија, во четвртокот, доживеа тежок пораз во Данска (0:4), додека Ирците, во Прага, испаднаа по пенал-рулетот, откако во текот на натпреварот испуштија предност од два гола.
Вечерашниот натпревар ќе биде седми меѓу двете репрезентации. Претходните шест пати се сретнале во квалификации за светски и европски првенства. Традицијата е на страната на Ирците, забележале четири победи, Македонија само една, еден натпревар завршил без победник.
„Против Ирска ќе мора да покажеме карактер, дисциплина и цврстина во дуелите. Ги следевме нивните последни настапи, против Чешка беа физички доминантни и агресивни во воздушните дуели, додека против Унгарија демонстрираа и технички квалитет. Очекуваме сериозен предизвик.
Планирам да ротирам и да им укажам шанса на неколку нови фудбалери, а верувам дека ќе ја оправдаат довербата. Сакам да нагласам дека репрезентацијата е отворена за сите, секој сам одлучува дали ќе го носи овој дрес. Се игра за Македонија, а не за поединци“, изјави пред натпреварот селекторот Гоце Седлоски.
Натпреварот во Даблин ќе започне во 20.45 часот.







