[ВИДЕО] „Оган, оган, оган, бум“ – говорот на Трамп се споделува на социјалните мрежи

Макфакс

30/03/2026

15:50

1.281

Големина на фонт

а а а

Исечок од говор на американскиот претседател Доналд Трамп од самитот Future Investment Initiative во Мајами масовно се споделува на социјалните мрежи.

Трамп во говорот ги опишуваше американските противракетни системи и пресретнувањето на проектили, користејќи кратки, повторувачки и поедноставени изрази.

„Морате да го видите тоа, тоа е многу кул. Проектили лансирани, проектили лансирани, проектили лансирани. Да, лансирани. Во ред, подготвени сме. Проектили. 101 проектил оди кон нив.

Во ред, имаме како 11 секунди да донесеме одлука. Потоа на седум секунди, ух, оган, оган, оган. Тоа е најневеројатната работа. Оган, бум, оган, бум. Еден по еден, само ги рушеа како да не се ништо. Генијално, тоа е неверојатно“, вели Трамп.

Исечокот брзо се прошири на интернет, а дел од корисниците го исмеваат начинот на кој претседателот ја опишува воената операција, наведувајќи дека „зборува како дете“.

Трамп зборуваше на инвестициски форум организиран од саудискиот државен фонд, на кој учествуваат водечки инвеститори и бизнисмени. Голем дел од говорот го посвети на војната во Иран, која трае од крајот на февруари, кога САД и Израел започнаа напади врз ирански воени и нуклеарни цели.

Во меѓувреме, конфликтот доведе до блокада на Ормускиот теснец и силен раст на цените на нафтата, кои достигнаа највисоко ниво во речиси четири години. Трамп изјави дека очекува дополнителни нарушувања, но и дека американската економија по завршувањето на војната „ќе тргне како ракета“.

„Тоа е на некој начин готово, но не е готово“, рече Трамп за конфликтот, додавајќи дека САД преговараат со Иран, иако истовремено продолжуваат со воените операции.

На форумот, Трамп го пофали саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, нарекувајќи го „фантастичен човек и голем пријател“. Неговиот пратеник Стив Виткоф истакна дека војната во Иран „не е примарно американско прашање“, но дека САД делуваат како глобален лидер.

Трамп во говорот повтори и низа претходни политички пораки, вклучувајќи критики кон медиумите и претходната администрација, но токму описот на пресретнувањето на проектили стана највиралниот дел од неговиот настап.