„Бил стар или болен, круната се носи до смрт“: Чарлс со абдикацијата би го погазил заветот на својата мајка – еве што ќе се случи ако кралот го предаде престолот

Точка

30/03/2026

16:47

675

Големина на фонт

а а а

Сите гласини укажуваат дека британскиот крал Чарлс Трети ќе абдицира во корист на својот син, принцот Вилијам. Така тврдат дворјани и други добри познавачи на состојбите на дворот. Таков пресврт би бил прв во британската историја по 1936 година и доколку се случи тоа, ќе биде вистински преседан на кој кралицата Елизабета Втора никогаш не се согласуваше. Интересно е што неа абдикацијата индиректно ја доведе на престолот.

Кралот Чарлс од 2024 година се бори со рак, соработниците му сугерираат дека би било мудро да ја предаде круната, а експертите истакнуваат дека тивок пренос на власта кон принцот Вилијам веќе се случил.

Здравствената состојба на монархот би била клучен фактор за абдикација, но круната би можел да ја изгуби и поради родениот брат. Кралскиот биограф и историчар Ендру Лони предупреди дека Чарлс Трети би можел да се најде под сериозен притисок да абдицира доколку се појават нови негативни информации во истрагата за поранешниот принц Ендру.

Осрамотениот поранешен висок член на кралското семејство, поранешниот принц Ендру, беше уапсен на 19 февруари поради сомнение за недолично однесување во јавна служба, односно злоупотреба на службената функција, поради соработка со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.


Лони по таа шокантна вест гостуваше на „TalkTV“ каде нагласи дека кралот мора да заземе „многу јасен“ и одлучен пристап додека истрагата за контроверзното прашање продолжува. Како што истакна, монархот има одговорност да обезбеди целосна соработка со сите полициски истраги, што кралот и го понуди во првото соопштение по апсењето на својот брат.

„Мислам дека кралот мора да биде многу јасен дека ќе соработува и ќе им дозволи на своите вработени да даваат изјави во полиција и да ја достават целата внатрешна кореспонденција, сите пријави што се поднесени против Ендру, целиот материјал што ѝ е потребен на полицијата за спроведување правилна истрага“, напомена тој.

Водителот го праша: „Ако Ендру не биде процесуиран, но се појават нови докази дека палатата прикривала докази, која е заканата за монархијата во тие околности?“. Историчарот сугерираше дека тогаш ситуацијата би можела брзо да ескалира во уставна криза. Одговори: „Па, мислам дека е многу сериозно. Мислам дека тогаш луѓето ќе повикуваат на ‘чистка’“.

За абдикацијата на Чарлс се зборуваше и откако во 2024 година беше соопштено дека монархот боледува од рак. Поранешниот принц Ендру беше пуштен од притвор, истрагата е во тек, но нема позначајни поместувања.


Британскиот закон за абдикација

Абдикацијата е ретка на британскиот двор. Законот за регентство од 1937 година воспостави постапки за утврдување дали ментална или физичка болест го онеспособила монархот да владее. Исто така се наведува што треба да се случи ако се смета дека монархот не е во состојба да ја извршува функцијата.

Законот за регентство воспоставува регент или лице кое ќе владее наместо монархот. Кралските функции се пренесуваат на следниот во редот за престолот. Во случајот на кралот Чарлс тоа би бил принцот Вилијам.

Што се случува кога кралот абдицира?

Абдикацијата е како давање отказ на работа пред истекот на договорот. Кога монархот абдицира, тоа значи дека тој или таа се откажува од својата должност и моќ. Абдикацијата е „откажување од должноста и власта пред истекот на мандатот што е преземен“.


Последен пат кога светот виде британски монарх како абдицира од престолот беше во декември 1936 година, а последиците беа огромни.

Едвард Осми служеше како британски монарх 325 дена пред да објави дека ќе се повлече од својата улога за да биде со жената што ја сака, разведената американска актерка Волис Симпсон.

Абдикацијата на Едвард значеше дека тој и сите негови идни деца ќе бидат исклучени од британската кралска линија на наследување. Тоа исто така значеше дека моќта на британската монархија му е препуштена на неговиот помлад брат, идниот крал Џорџ Шести, таткото на Елизабета Втора.

Домино ефектот од абдикацијата продолжи и одеднаш ја направи кралицата Елизабета претпоставена наследничка на круната.

Чарлс стана крал по смртта на својата мајка која почина во 2022 година. Тоа значи дека поминаа повеќе од 500 дена меѓу неговото искачување на престолот и јавното објавување на неговата дијагноза. Неговото крунисување беше на шести мај 2023 година во Лондон.


Што ќе биде со линијата на наследство во случај на абдикација?

Според интернет-страницата на кралското семејство, од 17-от век потеклото и парламентарниот статут одредуваат кој ќе биде следниот монарх на Велика Британија и Комонвелтот. Кралската линија одредува дека принцот Вилијам е прв во редот, а зад него се неговиот син Џорџ, потоа принцезата Шарлот поради која е изменет закон стар повеќе од 100 години па женските потомци не го губат местото во редот на наследство, принцот Луи па принцот Хари, пишува „Today“.

Кралицата Елизабета презираше абдикација – со круна до крајот на животот

Кралицата Елизабета Втора имаше силен отпор кон абдикацијата, првенствено поради семејната траума и силните религиозни уверувања.

Абдикацијата на нејзиниот чичко во 1936 година предизвика огромна криза во монархијата и Британија. Елизабета веруваше дека тој чин директно предизвикал преголем стрес кај нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести, што довело до неговата рана смрт. Го наследи својот татко на престолот во 1953 година.

Сметаше дека круната е „пакт со Бог“, а не обична работа што може така лесно да се напушти. Веруваше дека крунисувањето е доживотна обврска што ја потврдила со заклетва.


Уште како принцеза, на својот 21-ви роденден, јавно вети дека целиот свој живот, без разлика дали ќе биде долг или краток, ќе го посвети на служба на народот. Абдикацијата ја сметаше за „напуштање на должноста“.

Нејзиниот став беше дека абдикацијата ја дестабилизира институцијата на круната и дека монархот треба да биде симбол на континуитетот на владеењето, без оглед на годините или здравствената состојба.

Елизабета Втора беше на власт сè до смртта во 2022 година. Боледуваше во тајност од рак на коските. Судејќи според ставовите што ги имаше, Чарлс Трети можеби ќе го следи примерот на својата мајка, на која се угледуваше. Но, и тоа можат да го променат одредени околности.