Сајбер напад врз Европската комисија

Макфакс

27/03/2026

20:26

164

Големина на фонт

а а а

Европската комисија истражува сајбер напад врз своите веб-страници, при што првичните наоди укажуваат дека дел од податоците можеби се украдени, соопшти денеска институцијата.

Извршното тело на Европската унија наведе дека нападот бил откриен во вторникот и веднаш биле преземени итни мерки за негово сузбивање, пренесува Политико.

Нападот ја погодил cloud-инфраструктурата што Комисијата ја користи за управување со платформата Europa.eu, каде се наоѓаат веб-страниците на Европската комисија, Европскиот парламент, Советот на Европската унија и други институции на ЕУ.

Инцидентот е ставен под контрола, но првичните резултати од истрагата укажуваат дека некои податоци од тие сајтови можеби биле преземени.

Во соопштението се наведува дека интерните системи на Комисијата не се погодени.

Не е соопштено кој стои зад нападот.

Европските влади и компании сè почесто се цел на хакерски групи, како криминални, така и оние поддржани од држави.

ENISA неодамна предупреди дека Европа значително заостанува во сајбер безбедноста.

Комисијата додаде дека е во контакт со институциите на ЕУ кои можеби се погодени и ќе продолжи да ја следи ситуацијата, а подоцна ќе направи анализа за да ја зајакне заштитата.

Европскиот парламент во 2024 година веќе се соочи со сериозен безбедносен инцидент по хакирање на системот за човечки ресурси.

Органот CERT-EU, дел од ИТ-одделот на Комисијата, е задолжен за сајбер безбедноста на институциите на ЕУ.