Ирански хакери упаднаа во Џи-меилот на шефот на ФБИ: Ги објавија неговите приватни фотографии

Точка

27/03/2026

17:52

2.874

Големина на фонт

а а а

Хакери поврзани со Иран објавија дека провалиле во приватната електронска пошта на директорот на ФБИ, Каш Пател, и на интернет објавиле негови фотографии и други документи.

Функционер од американското Министерство за правда потврдил дека електронската пошта на Пател била компромитирана и дека објавениот материјал изгледа автентичен, пишува Ројтерс.

Хакерската група „Хандала Хек Тим“ (Handala Hack Team) на својата интернет-страница објави дека Пател „сега ќе го најде своето име на списокот на успешно хакирани жртви“.

ФБИ не одговори веднаш на барањето за коментар, а ниту хакерите не одговорија на пораките.

Која е групата „Хандала“?

Групата „Хандала“, која се претставува како пропалестинска хактивистичка група, според западни истражители е една од неколкуте групи зад кои стојат единици на иранската влада за кибернетичко разузнавачко дејствување.


„Хандала“ неодамна, на 11 март, ја презеде одговорноста за нападот врз компанијата „Страјкер“, добавувач на медицински уреди и услуги од Мичиген, тврдејќи дека избришале големо количество податоци на компанијата.

Автентичност на објавените податоци

Ројтерс не можел независно да ја потврди автентичноста на електронските пораки на Пател. Сепак, приватната Џи-меил адреса за која „Хандала“ тврди дека ја хакирала се совпаѓа со адресата што во претходни протекувања на податоци била поврзувана со Пател, а која ја евидентирала разузнавачката компанија за дарк (мрачниот) веб, „District 4 Labs“.


Прегледаниот примерок од материјалот што го објавиле хакерите укажува на мешавина од лична и деловна кореспонденција од периодот меѓу 2010 и 2019 година.