Пандев искористи еден инцидент меѓу Седлоски и Попов за да го опише новиот селектор: Тој не сака да губи ниту на карти!

Дерби

26/03/2026

11:46

1.297

Големина на фонт

а а а

Македонската фудбалска репрезентација го одработи последниот тренинг вчеравечер на „Паркен“ и ги направи завршните анализи за бараж натпреварот кој следи, дуел кој е закажан за вечерва во Копенхаген во 20:45 часот.

Нашиот национален тим го живее сонот на цела нација и ќе се обиде истиот да стане реалност, бидејќи после историскиот пласман на Европското првенство, настап на еден мундијал ќе биде достигнување на уште повисоко скалило.

Горан Пандев како човек кој ја одведе Македонија на Европско првенство, сега има поинаква улога како дел од Македонската Фудбалска Федерација, но популарниот Гоче го исчекува денешниот меч како да е дел од тимот на Гоце Седлоски.

Легендарниот капитен во разговорот во подкастот на ФФМ говореше за очекувањата кои ги има од вечерашниот меч, но и воопшто за ерата која ја започна неговиот поранешен соиграч Седлоски како национален селектор.

– Сите живееме за натпреварот со Данска, цела македонска јавност го исчекува почетокот на мечот. Ова е голем натпревар за нас, тоа е како финале и убеден сум дека сите во репрезентацијата ќе го дадат максимумот. Овие играчи имаат доста вакви натпревари во нозе, имаат искуство и се надевам дека ќе бидат физички во најдобар ред. Тргнуваме со нов селектор, атмосферата е на високо ниов и се надевам дека ќе имаме добар натпревар.

– Влегуваме како гости, не се залажуваме и знаеме против кого играме, но многупати сум кажал дека ова е најдобрата генерација на фудбалери во историјата на македонскиот фудбал. Овие момци покажаа на многу натпревари дека можат да играат со секого и се надевам дека ќе ни го остварат сонот наречен Светско првенство, – изјави Пандев, кој проговори и за карактерот и енергијата која ја носи Седлоски.

– Долги години играв со него во репрезентацијата, знам за каков човек се работи и каков ентузијазам носи во тимот. Не сака да губи, мислам дека направивме вистински избор за селектор. Тој заслужи да стане селектор после се што направи за репрезентацијата и македонскиот фудбал. Сметам дека може да го подигне нивото во репрезентацијата, станува збор за човек кој знае да мотивира. Тој е победник и мислам дека ќе го покаже тоа во наредните години, – изјави Пандев, кој беше потсетен и на еден инцидент, односно ситуација во која тогашниот капитен Седлоски му удри шлаканица на Горан Попов на еден тренинг на репрезентацијата.

– Таа ситуација со Попов покажа колку сака да победува. Тој сака да победува и кога игра карти, носи позитивна енергија со себе, а исто така и победнички дух и дисциплина. Токму дисциплината беше негова одлука во играчката и тренерската кариера, – посочи Пандев.