Наскоро постапка за избор на проектант и изведувач за гасоводот кон Србија

Макфакс

25/03/2026

12:57

147

Големина на фонт

а а а

Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста пренос на природен гас, Номагас, се подготвува за отворање на тендерската постапка за избор на проектант и изведувач на интерконективниот гасовод меѓу Македонија и Србија.

Овој проект претставува втората клучна точка во стратегијата за диверзификација на изворите на енергија и намалување на зависноста од еден снабдувач. Овој важен чекор за унапредување на позицијата на Македонија како значајна енергетска врска меѓу јужните и северните правци во регионот ќе придонесе за зајакнување на енергетската безбедност во регионот, унапредување на енергетската транзиција, поефикасно балансирање на понудата и побарувачката на гас, како и интеграција на регионалните гасни пазари.

„Проектот се движи низ јасно дефинирани фази и дека досегашната институционална и техничка координација создава основа за следните чекори. Во изминатиот период беа потврдени заедничките заложби на Номагас и Србијагас за забрзување на реализацијата, а на ниво на ресорни министерства и оператори беше нагласено дека постои јасна динамика, завршени студии и поддршка за продолжување на проектот“, велат од Номагас.

Гасоводот со Србија е предвидено да има должина од околу 68 километри, од кои околу 23 километри се на територијата на Северна Македонија. Трасата треба да го поврзе постојниот национален гасоводен систем со границата кон Србија, што ќе овозможи транзит на природен гас од југ кон север, но и интеграција на земјата во регионалните гасоводни мрежи. Проектот ќе се реализира на потегот Клечовце–Врање и треба да овозможи двонасочен транспорт на природен гас меѓу двете земји. Интерконекторот ќе има капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно, а со неговата реализација Македонија ќе добие нова врска кон северниот правец, паралелно со пошироките активности за енергетско поврзување на регионот. На македонска страна е предвидена изградба на главна мерна станица.

Интерконекцијата со Србија има значење што ја надминува билатералната инфраструктурна соработка. Со реализацијата на овој проект, Македонија дополнително ќе ја унапреди својата позиција како важна енергетска врска меѓу јужните и северните правци во регионот, со значење за поврзаноста, сигурноста на снабдувањето и диверзификацијата. Воедно, овој правец се вклопува во пошироката визија за посилно енергетско поврзување на Балканот и отворање пристап до повеќе извори и рути на снабдување.

Од Номагас оценуваат дека отворањето на постапката за избор на проектант и изведувач ќе биде важен исчекор кон влез во поконкретна реализациска фаза. Тоа ќе значи премин од досегашната подготовка, студии и меѓуинституционална координација кон активности што ќе ја приближат изградбата на новата гасна врска меѓу Македонија и Србија.