Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се подготвува регионална иницијатива во енергетиката, оценувајќи дека заедничкиот настап на земјите од Западен Балкан е клучен за привлекување големи инвестиции.
Тој посочи дека во различни фази се околу 17 инвестиции, кои треба да донесат до 5.000 нови работни места.
„Што се однесува до инвестициите во енергетиката и регионалното поврзување, цениме дека тоа е иднината практично за регионот. Бидејќи ако сами настапуваме, се плашам дека нема да бидеме препознаени од инвеститорите“, изјави Мицкоски.
Според него, во наредните 10 години на глобално ниво има огромен инвестициски потенцијал, при што и мал дел од тие средства би значел значајна трансформација за регионот.
„Ако целиме на 0,01% од таа сума, тоа се отприлика четири трилиони американски долари. Тоа е отприлика четири илјади милијарди во следниве 10 години, коишто регионот ако се обедини може да понуди проекти за да бидат реализирани, ако добро се организираме, се разбира. Тоа е некаде отприлика по четири стотини милијарди годишно, замислете каква трансформација на општествата ќе настане“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека вкупниот номинален БДП на шесте земји од Западен Балкан изнесува околу 250 милијарди долари, што, според него, покажува колку ваквите инвестиции би имале значење за економиите во регионот.
Мицкоски информираше дека се работи на повеќе проекти во енергетиката, меѓу кои и ветерниот парк „Алказар“ во општините Штип, Радовиш и Карбинци, инвестиција вредна околу половина милијарда долари, за која инвеститорот веќе добил градежни дозволи, а почетокот на работите се очекува во април, по Велигден. Како што рече, постои интерес и за негово проширување.
Тој ги спомена и проектите Чебрен и Галиште, како и Бошков Мост, нагласувајќи дека тие повторно се разгледуваат, иако, како што рече, има спротивставувања од дел од невладините организации.
Дополнително, премиерот ги наведе и гасните електрани најавени со турскиот холдинг „Акса“, гасните интерконектори со Грција и Србија, како и далноводот од 400 киловолти што треба да ги поврзе Битола и Елбасан, со што, според него, ќе се заокружи преносниот систем на висок напон.
Мицкоски истакна дека енергетските инвестиции се директно поврзани и со развојот на технологијата.
„Ако денеска светот зборува само за вештачка интелигенција, таа вештачка интелигенција не може да функционира без дата центри, а дата центри не може да функционираат без електрична енергија“, рече тој.
На прашањето дали има фидбек од лидерите на другите земји во регионот за оваа идеја, премиерот Мицкоски рече:
„Па од некои да. Но мислам дека сега во Подгорица кога ќе се собереме, кога ќе има Самит, подетално ќе влезам во објаснување на идејата. И мислам дека е добро да се разработи подетално и мислам дека ќе биде атрактивна. И потоа треба да се спушти на оперативно ниво за да можеме да се претставиме пред потенцијалните инвеститори, а верувајте ми има многу. Неколку такви компании запознав на Светскиот бизнис форум во Давос.“
















