Во текот на вчерашниот ден, министерката за енергетика, минерални суровини и рударство имаше разговор со генералниот директор на ОКТА и дополнително имаме уште еден денар. Така што од денеска практично имаме 3 денари попуст на сите оние бензински станици коишто се комитенти на ОКТА, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој повтори дека ги имаме апсолутно најниските цени на горива во Европа во овој момент.
На прашањето дали се размислува Македонија да го ограничи купувањето на горивата со оглед на најавите на земји од регионот дека ќе ограничуваат купување на горива, а забележано е и дека граѓани од државите од околната купуваат гориво од кај нас, премиерот Мицкоски рече:
„Во овој момент состојбата е следна. Имаме апсолутно доволно количини за потребите на граѓаните, зголемен е конзумот во одредени погранични области, со Албанија, на север со Косово и Србија и на југ со Грција. Отприлика зголемен е вкупниот конзум за 10%, бидејќи голем дел од граѓаните од овие земји доаѓаат кај нас и точат гориво на бензинските пумпи кај нас, поради тоа што цената на горивата кај нас е во некои случаи и до половина евроценти по литар, поевтина од таа кај нив. За разлика од минатото кога, како земја коленичевме и молевме за помош, сега сме ние тие коишто генерираат стабилност и даваат помош. Сакам да кажам дека и нафтоводот е во целосна функција, односно цевката е полна, којашто претставува дополнителна сигурност, складовите се полни согласно закон, државните резерви се околу шеесетина дена, така што во овој момент, апсолутно нема никаква потреба од таква мерка. И не само со дизел горивата и со бензините безоловни со 95 и 98 октани, информиран сум дека и дел од околните аеродроми се снабдуваат со керозин од ОКТА, односно од кај нас. Така што од земја којашто, ќе повторам коленичеше и молеше, стануваме земја којашто генерира стабилност во регионот, се разбира предизвици има и ќе има. И тие предизвици ние ќе ги решаваме. Но она коешто е најважно и ни е приоритет, а тоа е дека како држава имаме најниска цена за горивата за нашите граѓани и најниска цена за горивата за бизнисот.“












