Трамп му се закани на Иран: Ако за 48 часа не го отворите Ормутскиот теснец, ќе ви ги уништиме електраните

Макфакс

22/03/2026

08:57

1.413

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател, Доналд Трамп, упати остра закана до Иран, предупредувајќи дека САД ќе ги „уништат“ иранските електрани доколку Техеран не го отвори целосно Ормутскиот теснец во рок од 48 часа.

„Доколку Иран не го отвори целосно, без никаква закана, Ормутскиот теснец во рок од 48 часа, Соединетите Американски Држави ќе ги нападнат и уништат неговите електрани, почнувајќи од најголемите“, напиша Трамп.

Овој ултиматум претставува нагла ескалација, само еден ден откако Трамп најави „смирување“ на конфликтот.

Тензиите во теснецот веќе имаат глобални последици. Заканите од ирански напади значително го намалија поморскиот сообраќај низ оваа клучна енергетска рута, преку која минува околу една петтина од светските резерви на нафта и течен природен гас. Како резултат, цените на горивата во Европа минатата недела пораснаа за до 35 проценти, што отвора ризик од поширок енергетски шок.

Нова фаза на конфликтот

Во меѓувреме, конфликтот навлезе во нова, поопасна фаза. Израелските власти соопштија дека Иран за првпат употребил ракети со долг дострел, што ја проширува заканата и надвор од Блискиот Исток. Според израелскиот воен командант Ејал Замир, две балистички ракети со дострел од 4.000 километри биле лансирани кон американско-британската база Диего Гарсија во Индискиот Океан.

„Овие ракети не се наменети за Израел – нивниот дострел опфаќа и европски престолнини како Берлин, Париз и Рим“, изјави Замир.

Според британски извори, нападот се случил непосредно пред Лондон да им одобри на САД користење на британски бази за евентуални напади врз ирански цели.

Расте бројот на жртви

Повеќе од 2.000 лица загинале во Иран од почетокот на американско-израелските напади, додека во Израел се пријавени најмалку 15 жртви од ирански напади од крајот на февруари.

Доцна во саботата, ирански ракети ги погодија градовите Димона и Арад во јужен Израел, при што беа повредени десетици лица, меѓу нив и деца. Иранската револуционерна гарда соопшти дека цел биле воени и безбедносни објекти.

Портпаролот на израелската армија Ефи Дефрин изјави дека противвоздушната одбрана функционирала, но не успеала да ги пресретне сите ракети. „Ќе го истражиме инцидентот“, рече тој.

Во близина на Димона се наоѓа и чувствителна нуклеарна инфраструктура, како и воздухопловната база Неватим, една од најголемите во Израел. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека земјата ќе продолжи со нападите. „Ова беше многу тешка вечер во битката за нашата иднина“, порача тој.

Политички притисок и поделби меѓу сојузниците

Реториката на Трамп во меѓувреме се заострува. Од повици за деескалација, американскиот претседател премина кон конкретен рок за воена акција, што дополнително ја зголемува загриженоста кај американската јавност и сојузниците.

Трамп ги обвини и НАТО-сојузниците за недоволна поддршка, додека дел од нив јавно изразија резерви за учество во конфликт кој, според нив, бил започнат без координација.

Напади врз нуклеарни и енергетски цели

Паралелно, иранските медиуми јавија за напади врз нуклеарниот комплекс во Натанз, како и врз пристаништето Бушер и островот Харг – клучна точка за извоз на иранската нафта. Засега нема информации за радијациски протекувања.

Иран соопшти и дека извршил напади со беспилотни летала врз американски бази во Обединетите Арапски Емирати и Кувајт, додека Саудиска Арабија протера неколку ирански дипломати.

Конфликтот се шири во регионот

Конфликтот се прошири и во Либан, каде што Израел изврши напади врз цели на Хезболах во Бејрут. Во меѓувреме, иранските медиуми јавија и за цивилни жртви по израелски напад врз станбена зграда во градот Рамсар.