Беше најголемата убавица во 80-тите, а потоа болеста зема замав: Славната актерка се појави по подолга пауза и тајна борба

Точка

13/03/2026

21:35

993

Големина на фонт

а а а

Веќе некое време не е тајна во колку тешка состојба живее една од најпопуларните актерки од крајот на минатиот век, а таа продолжува понатаму оптимистична и насмеана.

Холивудската актерка Кетлин Тарнер не се појавува често во јавноста, па нејзиното појавување на црвениот тепих на њујоршката премиера на филмот „Peaky Blinders: The Immortal Man“ е големо изненадување за нејзините обожаватели.


Ѕвездата на филмовите „Romancing the Stone“ и „Prizzi's Honor“, позната на телевизиската публика и како таткото на Чендлер во „Friends“, денес има 71 година, а на фотографите им позираше насмеана и во одлично расположение.

Актерката дојде на премиерата лежерно облечена, носејќи црни ѕвонести панталони комбинирани со црн елек и карирана кошула.


Сепак, тешко е да не се забележи стапот за одење и неусогласените обувки, па Кетлин Тарнер поради удобност носела една патика и една UGG чизма.

Секс симбол на 80-тите

Актерката која на врвот на славата ја споредуваа со познатата актерка Лорен Бекол некогаш спаѓаше меѓу најубавите жени во Холивуд. Таа не криеше колку ѝ годи оваа споредба, па еднаш ѝ пришла на славната Лорен Бекол и ѝ рекла: „Здраво, јас сум младата ти“.

Тарнер беше номинирана за Оскар за улогата во „Peggy Sue Got Married“, а освои два Златни глобуси и низа вредни признанија за глума.


Тајна борба против болеста

Кога веќе беше голема филмска ѕвезда и еден од најголемите секс симболи на осумдесеттите, актерката започнала да забележува необични симптоми.

На почетокот на деведесеттите чувствувала „неописливи болки и трески“, а во некои моменти се мачела да оди и да ја сврти главата на страна. Ѝ бил дијагностициран ревматоиден артритис, а лекарите прогнозирале дека најверојатно Кетлин ќе заврши во инвалидска количка.

„Моето тело реагираше со неверојатна болка секогаш кога ќе се обидев да го поместам. Зглобовите на рацете ми беа толку отечени што не можев да држам ни пенкало. Имаше денови кога не можев да држам чаша и да испијам вода. Не можев да го подигнам моето дете... Стапалото ми отекуваше толку многу што не можев да обујам ништо, а камоли да одам обуена“, се присети актерката во едно интервју.


Меѓутоа, за својата борба никому не зборувала. Веќе влегла во четириесеттите водејќи тајна битка, а во меѓувреме стекна имиџ на „тешка актерка“, жена со која соработката е невозможна. Медиумите ја нарекуваа дива и „не баш љубезна личност“, а актерката Ајлин Еткинс по соработката со Кетлин на една бродвејска претстава рече дека таа е „неверојатен кошмар“.

Покрај тоа се здебелила, се свртела кон алкохолот бидејќи повеќе не знаела како да се избори со болките, а таблоидите беа сурови. Понудите за нови улоги биле сè помалку.

„Печатот беше немилосрден“, напиша Кетлин во своите мемоари „Send Yourself Roses: Thoughts on My Life, Love, and Leading Roles“. „Пишуваа дека сум дебела и непрепознатлива затоа што сум лута и надвор од контрола, а всушност промените во мојот физички изглед беа предизвикани од лековите и хемотерапијата, не беа под моја контрола. Сепак, не им откривав што ми се случува“.

Кетлин во бракот со Џеј Вајс ја доби ќерката Рејчел, а иако се разведоа, останаа добри пријатели. Дури, таа верува дека поранешниот сопруг ѝ е најдобар пријател. Сепак, иако имала поддршка, зависноста сè повеќе ја вовлекувала во себе.

Дури и кога лекарите ѝ пронашле делотворна терапија, Кетлин продолжила да пие и наскоро станала алкохоличарка. Како што еднаш објасни, тоа не ѝ штетело на работата, но нејзе лично ѝ штетело бидејќи околината почнала да ја избегнува.


„Почнаа да кружат гласини дека пијам премногу. Им дозволив на другите да мислат што сакаат за моето однесување и физичките промени. Луѓето веруваа дека сум станала тежок алкохоличар“, рече таа и призна дека стравувала дека сè ќе биде уште полошо ако луѓето дознаат дека е болна. „Ќе ме вработат ако мислат дека сум пијана бидејќи го разбираат алкохолизмот, но нема да ми дадат работа ако имам мистериозна и страшна болест што не ја разбираат. Мојот агент Џеј и јас имавме чувство дека е најважно да го сокриеме мојот ревматоиден артритис од сите“.

Актерката се согласи да оди на рехабилитација во 2002 година, откако сфатила дека паднала на дното и дека полека се уништува. По лекувањето од зависноста од алкохол собра сила да проговори за својот живот со ревматоидниот артритис.