Морисеј без сон, Валенсија без концерт: Легендарниот британски музичар го откажал концертот поради бучавата пред хотелот, не можел да се наспие

Точка

12/03/2026

21:32

500

Големина на фонт

а а а

Британскиот музичар Стивен Патрик Морисеј го откажа концертот во Валенсија, Шпанија, бидејќи бучавата од традиционалниот фестивал на огномет во градот му оневозможила да се наспие во неговиот хотел и, како што рекол, „недостатокот на сон го оставил во кататонска состојба“, пренесуваат странските медиуми.

Морисеј, водечкиот пејач на англискиот бенд од 1980-тите, „Смитс“, патувал со автомобил два дена за да стигне од Милано до својот хотел во Валенсија, каде конечно пристигнал доцна во среда, според неговата официјална веб-страница. Објавени се три одделни изјави за „пеколната ноќ“ на пејачот и последователната одлука да го откаже концертот.

„Секаков вид на спиење или одмор во текот на ноќта беше невозможен поради фестивалската бучава, гласното пеење  инајавите преку мегафони“, се вели во соопштението, додавајќи: „Искуството го остави Морисej во кататонска состојба“.


Друга објава потврди дека „концертот во Валенсија е откажан поради недостаток на сон“, разочарувајќи ги обожавателите на пејачот чии албуми, како што се „Viva Hate“ и „Vauxhall and I“, некогаш беа на врвот на британските топ листи.

Во објавата се додава дека концертот всушност не бил откажан, „но околностите го направиле невозможно да се одржи“.

Мориси потоа напиша: „О, Вал-ен-сија, толку многу работи за кои треба да се одговара!“

Во истата објава, тој го опиша својот хотел во Плаза Манисес како „неопислив пекол“ и додаде дека „ќе му треба една година да се опорави“.

„И тоа е благо кажано“, рече тој.


Медитеранскиот град привлекува стотици илјади луѓе секој март за шарениот фестивал „Фалас“, познат по своите уметнички инсталации, огномет и спектакуларното палење на џиновски скулптури.

Од друга страна, концертите на Морисеј честопати завршуваат со разочарување за публиката. Според веб-страницата „weheartM.com“, тој откажал 38 од 84 закажани концерти помеѓу почетокот на 2025 година и крајот на јануари 2026 година.

Од 2012 година, Морисеј откажал или одложил повеќе од 200 концерти од различни причини, вклучувајќи болест, логистички проблеми, па дури и „труење со храна“.


Морисеј, познат како гласен застапник на вегетаријанството, инсистира неговите концерти да се одржуваат на места без месо, а еден од албумите на „Смитс“ е насловен како „Месото е убиство“ (1985). Тој еднаш дури и излегол од сцената на фестивалот Коачела во Калифорнија откако почувствувал мирис на месо од скара.

Инаку, неговиот најнов албум, „Make Up is a Lie“, беше објавен на 6 март. Ова е неговиот 14-ти соло албум и прво ново издание по повеќе од пет години.

Албумот содржи дванаесет песни кои создаваат силен и динамичен круг на композиции, потврдувајќи го препознатливиот авторски израз на Морисеј – поетичен, провокативен и емотивно директен. Меѓу песните се издвојуваат насловната композиција, синглот „Notre-Dame“ и омилената концертна песна „The Monsters of Pig Alley“.