[ВИДЕО] Брза пруга до 200 километри на час, модернизација на автопатите и граничните премини: Николоски во Вашингтон за инвестицискиот циклус

Макфакс

12/03/2026

16:15

495

Големина на фонт

а а а

Реализираме огромен инвестициски циклус од неколку милијарди евра во развој и модернизација на коридорите во Македонија. Работиме на изградба и модернизација на автопатски делници, инвестираме во изградба на брза пруга на Коридор 10 и железничко поврзување на Исток, а со подршка на Светска банка работиме на модернизација на граничните премини со Албанија и Бугарија, се обрати заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во рамки на министерскиот состанок организиран од Светска банка.

„Имаме среќа што двата пан европски коридори се пресекуваат во нашата земја. Тоа е Коридорот 10 што го поврзува југот на Европа со северот на Европа и тоа е најдолгиот коридор во Европа. Вториот коридор е Коридор 8 што оди од запад кон исток, започнува во Албанија и завршува во пристаништето Одеса во Украина и сега се смета за втор најважен безбедносен коридор за НАТО. Се обидуваме да ги развиеме двата коридори. Имаме огромен инвестициски циклус од неколку милијарди евра што го реализираме на двата коридори, што потоа отвора нови можности за развој на бизнисот покрај нив”, се обрати вицепремиерот Николоски.

Пред присутните, тој ги потенцира капиталните проекти што во моментов се реализираат во Македонија.

„Со нашите партнери и пријатели од Обединетото Кралство работиме на изградба на брза пруга која треба да оперира до 200 км на час за патнички сообраќај и 120 км на час за транспорт. Потпишавме договор со нашите бугарски соседи за заедничко железничко поврзување на Коридорот 8 и го развиваме овој коридор со финансиска подршка од ЕУ и неколку банки. Со Светска банка тесно соработуваме на проектот за локални патишта каде во секоја општина градиме локални патишта. Работиме и на модернизација на најголемиот граничен премин со Албанија, потоа и на најголемиот граничен премин со Бугарија на Коридор 8. Исто така работиме и на проект со Царината. Тоа е проект за нов едношалтерски систем, кој треба да овозможи товарниот сообраќај да биде многу побрз и многу поефикасен”- додаде вицепремиерот Николоски.

Во своето обраќање истакна дека веќе се работи на проект преку кој треба да се поврзат Коридорот 10 и Коридорот 4 во Бугарија, а со тоа Македонија да се поврзе кон Турција и Блискиот Исток. Се заблагодари за подршката на Светска банка и во делот на финансиите и во делот на експертизата што ја овозможува за Македонија.