Програмата „SPRINT“, реализирана во соработка меѓу агенцијата „DARPA“ и Командата за специјални операции на САД, развива летало X-76 кое комбинира брзина на лет од 740 км/ч со можност за вертикално полетување без писта.
Американската агенција за напредни одбранбени истражувачки проекти „DARPA“ официјално го откри името и првите скици на своето најново експериментално летало. Овој авион, наречен X-76, се развива во рамки на програмата „SPRINT“ („SPeed and Runway INdependent Technologies“) и влезе во фаза на изградба по успешно завршената клучна ревизија на дизајнот. Главен изведувач на работите е компанијата „Bell Textron“, а проектот се реализира во соработка со Командата за специјални операции на САД.
Авион и „VTOL“ во едно
Ознаката X-76 носи и симболично значење бидејќи се совпаѓа со 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави, алудирајќи на револуционерниот дух од 1776 година. Примарната цел на програмата, најавуваат од „DARPA“, е елиминирање на класичниот компромис во военото воздухопловство: изборот меѓу брзината на авионите со фиксна геометрија на крилата, кои бараат полетно-слетни писти, и флексибилноста на хеликоптерите кои се побавни, но можат да слетаат на речиси секој терен.

Фокусот на програмата „SPRINT“ моментално е на втората фаза, започната во мај 2025 година, која опфаќа производство, интеграција на системи, составување и копнени тестирања на демонстраторот X-76. Инженерските тимови настојуваат да ги усовршат технологиите што ќе овозможат леталото да достигне брзина на хоризонтален лет поголема од 740 км/ч. Во исто време, леталото мора да ја задржи способноста за лебдење во сложени услови и да полетува од неподготвени површини. Според рендерите што беа објавени, се чини дека елисите на роторите ќе бидат целосно склопливи за да не пречат при крстаречки лет, а ќе се расклопуваат во фазите на полетување и слетување и ќе се ротираат по потреба.

Коментирајќи ја важноста на проектот, командантот Иан Хигинс, раководител на програмата „SPRINT“ во „DARPA“, истакна дека полетно-слетните писти предолго биле и предност и ограничување. Според него, X-76 не е само нов авион, туку алатка која треба да овозможи стратешко изненадување, брзо засилување на силите и итни интервенции каде било во светот, без зависност од постоечката инфраструктура на аеродромите.

По завршувањето на тековната фаза на производство и копнени проверки, програмата ќе премине во третата фаза. Таа предвидува обемен програм на пробни летови планиран за почетокот на 2028 година. Овие тестирања ќе бидат клучни за усовршување на технологиите потребни за финализирање на ова „трансформерско“ летало, кое треба да ја спои способноста за вертикално полетување и слетување со перформансите на крстарење карактеристични за млазните авиони.














