Вештачката интелигенција (AI) ги менува воените фотографии и снимки: „Не се лажни, но се изменети“

Точка

10/03/2026

16:17

535

Големина на фонт

а а а

Војната на Блискиот исток доведе до „поплава“ од дезинформации генерирани со вештачка интелигенција (AI), но покрај целосно лажните фотографии, се шири и друг вид содржина: автентични снимки „подобрени“ на начини за кои експертите велат дека суптилно ги менуваат перцепциите за тоа што се случува на терен, пренесе АФП.

На впечатлива фотографија, Кувајќанец вооружен со железна палка се соочува со клекнат американски пилот, кој штотуку со падобран искокнал од својот авион. Фотографијата со висока резолуција брзо стана вирална на социјалните мрежи, па дури и беше објавена од некои медиуми. Меѓутоа, се чини дека пилотот има само четири прста на секоја рака.

Проверувачите на факти од АФП ја вчитале фотографијата во алатките за детекција на вештачка интелигенција и откриле дека содржи „SynthID“, невидлив воден жиг што се користи за идентификување слики создадени од вештачката интелигенција на Гугл. Но, тоа не е целата приказна.

Самата ситуација е автентична. Видео кое го прикажува истиот настан се појави на социјалните мрежи на 2 март, а сателитските снимки ја потврдија неговата локација. Исто така, се совпаѓа со извештаите дека Кувајт тој ден погрешно соборил три американски борбени авиони.

АФП успеа на Телегра да ја пронајде претходна верзија на фотографијата што се совпаѓаше со сликата со висока резолуција, но беше заматена. Алатките за детекција на вештачка интелигенција утврдија дека фотографијата била вистинска. Ова сугерира дека можеби послужила како почетна точка за фотографијата креирана од алатките за вештачка интелигенција на Гугл.

„Фотографијата изгледа пореално од оригиналот“

„Подобрувањето на квалитетот со помош на вештачка интелигенција може суптилно да ги измени текстурите, лицата, осветлувањето или деталите за заднината, создавајќи фотографија што изгледа пореална од оригиналот“, рекол Евангелос Канулас, професор по вештачка интелигенција на Универзитетот во Амстердам.

Ова може „да засили одреден наратив за некој настан, па на пример, некој протест може да изгледа понасилен, толпата поголема, изразите на лицето поинтензивни“.

Во друг случај, корисниците на социјалните мрежи споделија драматични снимки од огромен пожар во близина на аеродромот Ирбил во Ирак откако Иран ја нападна областа на 1 март. Иако бил пронајден „SynthID“, фотографијата не била целосно лажна. Оригиналната верзија на сликата ја прикажува истата сцена, но со многу помалку оган и чад.

Експертите предупредија дека постои тенка линија помеѓу подобрување и генерирање на содржина, без оглед на тоа дали се работи за случајно или намерно постапување. „Дури и мали измени на крајот можат да раскажат многу различна приказна“ истакнал Џејмс О’Брајан, професор по компјутерски науки на Универзитетот Беркли додавајќи дека тоа „би можело да ја промени перцепцијата за настанот“.

Исто така вештачката интелигенција е склона кон грешки и може да „халуцинира“ и да додава елементи што не биле присутни на првичната слика, додал Канулас. „Сега луѓето почнуваат да се сомневаат и во автентични снимки“, заклучил тој.