Страсниот бразилски навивач Гилерме Мартин Нунес тргна на неверојатно патување од Бразил до Соединетите Американски Држави. Неговото превозно средство е „Volkswagen“ „буба“ стара повеќе од половина век, а целта е да ја поддржи својата репрезентација на Светското првенство во 2026 година.
Еден бразилски фудбалски навивач деновиве започна несекојдневна мисија – патување до Соединетите Американски Држави за да присуствува на Светското првенство. Креаторот на содржини Гилерме Мартин Нунес реши на овој подвиг да тргне со својата „Volkswagen“ „буба“ од 1971 година, а целиот проект на социјалните мрежи го започна пред неколку недели.
Своето патување, кое симболично го нарече „Até de Fusca nós iremos“ (Ќе одиме дури и со „буба“), го означи со објава на „Instagram“, со која го обележа првиот ден од авантурата, веднаш откако успешно ја доби американската виза потребна за влез во земјата.
Оваа авантура за Нунес не е прво вакво искуство, туку продолжение на неговата долгогодишна страст кон фудбалот и патувањата. Имено, тој во претходните две години го следел својот локален клуб Гремио низ Јужна Америка со автомобил, при што, како што самиот вели, посетил повеќе од пет земји и поминал над 75.000 километри.
Откако стекнал огромно искуство на патиштата на својот континент, решил да ја подигне летвичката и на сличен начин да ѝ даде поддршка и на бразилската фудбалска репрезентација на најголемата светска сцена.

Неговата сина „буба“ од 1971 година, која стана симбол на неговите патувања, е специјално подготвена за ваков напорен пат. Иако однадвор изгледа како класичен олдтајмер, автомобилот има обновен мотор за да може да издржи илјадници километри долг и тежок пат.
Внатрешноста е целосно приспособена за повеќемесечен престој на пат, па содржи кревет за спиење, автомобилски фрижидер за намирници и пијалаци, како и практична мобилна кујна која му овозможува самостојност и значителна заштеда за време на патувањето.

Целото патување што го очекува Гилерме ќе опфати околу 14.000 километри и ќе го одведе низ дури петнаесет различни земји пред да пристигне на конечната дестинација во САД.
Според неговите проценки, целиот подвиг ќе го чини околу 100.000 бразилски реали, што изнесува приближно 17.900 евра (околу 19.300 американски долари), а за сите детали редовно ќе ги информира своите следбеници на социјалните мрежи.















