Руте ја поздрави посветеноста на Македонија во зголемувањето на процентот за безбедност и напорите за помош на Украина

Макфакс

03/03/2026

16:18

145

Големина на фонт

а а а

Во рамките на официјалната посета на Република Северна Македонија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оствари средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, на која присуствуваа: координаторите и заменик-координаторите Никола Мицевски, Јованка Тренчевска, Беким Ќоку, Рина Ајдари и Бобан Карапејовски; шефот на собраниската делегација во ПС НАТО, Драган Ковачки и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, соопшти прес-службата на законодавниот дом.

Гаши, посакувајќи му добредојде, го запозна гостинот со актуелната состојба во земјава, во светло на актуелните геополитички тензии на Блискиот Исток и војната во Украина. Ја предочи посветената политика на Македонија како кредибилен сојузник кој како и досега ефективно ќе придонесува за обезбедување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност. Во време на зголемена глобална неизвесност, претседателот Гаши ја нагласи важноста на блиските односи, одржливиот политички дијалог и заедничката посветеност на меѓународното право и колективната безбедност. Притоа, тој предочи дека членството на земјава во ЕУ не е само како институционално прашање на зачленување. Истакна дека во светло на тековните нестабилности, прашањето на европската интеграција на регионот на Западен Балкан сè повеќе станува и прашање поврзано со европската безбедност.

Генералниот секретар Руте се заблагодари на топлото гостопримство и ја поздрави посветеноста на земјава во зголемувањето на процентот за национална и колективна безбедност, со што се манифестира нејзината способност да ги прифати обврските од членството во НАТО. Ги поздрави напорите што Република Северна Македонија ги вложи во обезбедување соодветна помош за Украина, со што заедно со останатите сојузници покажа висок степен на солидарност. Во тој контекст соговорниците споделија заеднички оценки за одржување на конзистентни позиции и целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ (ЗНБП), заедничките одбранбени иницијативи на Европската Унија и силна поддршка на Украина.

Руте ја поздрави посветеноста на нашата земја како земја членка на НАТО во фрагилен регион каде не се сите држави членки на НАТО или имаат различен степен на партнерство со Алијансата, во промовирање на атмосфера и политика на регионална стабилност и висок степен на учество во мировните мисии на НАТО. Ја нагласи важноста на вокалноста на парламентите и парламентарците како незаменлив демократски инструмент за поддршка на државните приоритети, особено во сферата на јакнењето на одбранбените капацитети на армијата и јакнење на безбедноста, согласно проектираните визии на Алијансата.

На посебна седница, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте имаше и свое обраќање пред пратениците на Собранието.