Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Собранието изјави дека членството во Алијансата е резултат на „стратешките, визионерските и државничките политики“ на Социјалдемократскиот сојуз во изминатите повеќе децении.
„Тој пат не беше лесен, меѓутоа сега конечно можеме да се чувствуваме безбедни, со загарантирани граници, благодарение на тоа што сме дел од најголемиот безбедносен сојуз во светот“, рече Филипче.
Тој оцени дека во услови на војни и нови жаришта во светот, особено поради, како што посочи, агресијата на Русија врз Украина, членството во НАТО претставува трајна придобивка за државата.
Осврнувајќи се на говорот на Руте, Филипче рече дека генералниот секретар имал одличен говор и упатил јасни пораки до Владата, посочувајќи дека Русија е агресор во Украина и дека прави сојуз со Кина и Северна Кореја.
Притоа, Филипче упати критики кон актуелната Влада, наведувајќи дека има вицепремиер кој, како што рече, отворено негува врски со Русија, споменувајќи го вицепремиерот Стоиљковиќ. Тој додаде дека вториот човек во Владата се среќава со ‘Ноќните волци’, кои се во директна комуникација со рускиот претседател Владимир Путин.
Филипче посочи и на заемот од една милијарда евра од Унгарија, наведувајќи дека, според извештаи на европските институции, станува збор за кинеско финансирање.








