Сиљановска-Давкова по средбата со Руте: Итната интеграција на Западен Балкан во ЕУ е најголема гаранција за мир

Макфакс

03/03/2026

15:58

165

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во прва официјална посета на земјава, на церемонија со највисоки државни и воени почести.

По тет-а-тет средбата и пленарниот состанок на македонската и делегацијата на НАТО, претседателката изјави дека посетата доаѓа во време на сериозни и непредвидливи безбедносни предизвици, што, како што рече, ја потврдува важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност во рамките на Алијансата.

Таа го информираше Руте за викенд-седницата на Советот за безбедност, на која било заклучено дека, и покрај стабилната внатрешна состојба, е потребно постојано следење на настаните и навремено реагирање. Сиљановска-Давкова нагласи дека актуелните геополитички тензии, војната на европско тло, сајбер и хибридните закани бараат будност, рано предупредување и одржливи инвестиции во одбраната.

Претседателката истакна дека земјава како кредибилен сојузник го спроведува Планот за инвестиции во одбраната и ги исполнува обврските од самитите во Велс и Хаг, вклучително и издвојувањето најмалку 2% од БДП за одбрана, од кои над 30% се наменети за модернизација.

Таа ја потенцираше и активната улога на македонската армија во борбените групи во Латвија, Бугарија и Романија, како и во мисиите КФОР во Косово и ЕУ-АЛТЕА во Босна и Херцеговина, додавајќи дека безбедноста е заедничка одговорност. Во разговорите, како што рече, не изостанала ни поддршката за Украина и заложбата за праведен и траен мир.

Генералниот секретар Руте ја потврдил значајната улога на земјава во безбедноста на Западен Балкан, оценувајќи дека регионот е од стратешко значење и дека Алијансата нема да дозволи создавање безбедносен вакуум.

На крајот, Сиљановска-Давкова порача дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна политичка интеграција во Европската Унија. Таа повика да се става крај на „вештачките причини“ и историско-идентитетските блокади за членство и фокусот да се насочи кон исполнување на Копенхашките критериуми.

Претседателката изрази очекување дека на Самитот на НАТО во 2026 година во Анкара посебно внимание ќе биде посветено на безбедносната состојба во регионот.