Во овој град се наоѓа најстариот ресторан во светот

Точка

03/03/2026

17:32

424

Големина на фонт

а а а

Венеција, кралицата на Јадранот, е позната по својата богата историја, архитектура, канали и гондоли – град што годишно го посетуваат милиони луѓе.

Венеција е и дом на најстариот кафе-ресторан во Италија и во светот, кој континуирано работи повеќе од 300 години, а бил затворен само за време на „заклучувањето“ во Италија предизвикано од пандемијата на коронавирусот.

Сместена на плоштадот Свети Марко, „Caffè Florian“ е една од знаменитостите на Венеција што задолжително треба да се посети кога ќе се најдете таму.


„Caffè Florian“

Ресторанот започнал со работа на 29 декември 1720 година под името „Caffè alla Venezia Trionfante“, но набрзо го променил името во „Caffè Florian“, по својот сопственик Флоријан Франческони.

Локацијата во самото срце на Венеција наскоро го претворила овој ресторан во место што го посетувале бројни славни и познати гости, како писателите Карло Голдони, Јохан Волфганг Гете и прочуениот Џакомо Казанова, кого го привлекувал и фактот дека тоа бил единствениот венецијански ресторан во тоа време во кој на жените им бил дозволен влез.


„Caffè Florian“ ја задржал својата привлечност и во подоцнежните години, па таму навраќале и лорд Бајрон, Марсел Пруст и Чарлс Дикенс.

Во 1858 година ресторанот го презеле нови сопственици, кои тогаш го реновирале, а неговиот изглед до денес не е значително изменет – денес се состои од шест салони во кои, покрај кафе и десерти, посетителите можат да уживаат и во уметнички дела од познати уметници од 19 век.


Салоните ги носат имињата „Салон на славните“ (Sala degli Uomini Illustri), „Салон на Сенатот“ (Sala del Senato), „Кинески салон“ (Sala Cinese), „Ориентален салон“ (Sala Orientale), „Салон на годишните времиња“ (Sala delle Stagioni), „Салон на огледалата“ (Sale degli Specchi) и „Салон Liberty“.

Благодарение на одличната локација, архитектурата, уметноста, богатата историја, квалитетното кафе и десертите, „Caffè Florian“ и денес привлекува туристи, иако уживањето во кафе и дегустацијата на слатки на неговата тераса или во некој од салоните не претставува баш мала ставка за буџетот.