Здравото срце е темел на секојдневното функционирање и долг живот, но многу луѓе, често и несвесно, го загрозуваат со сопствените навики.
Кардиоваскуларните заболувања веќе цел век се водечка причина за смрт во светот. Сепак, голем број луѓе не ги поврзуваат одредени секојдневни постапки со нивното влијание врз кардиоваскуларниот систем, особено врз срцето – орган што работи 24 часа дневно, без пауза.
Прекумерен внес на сол
Солта е еден од најподмолните состојки во современата исхрана. Таа се наоѓа речиси насекаде – од супи и сувомеснати производи до леб и различни сосови. Како што истакнуваат лекарите, повеќето возрасни внесуваат значително повеќе сол отколку што му е потребно на организмот.
Главниот проблем е натриумот, кој е неопходен во мали количини, но во вишок доведува до покачен крвен притисок – еден од најголемите фактори на ризик за срцев удар и срцева слабост.
Решението е во свесно читање на декларациите и ограничување на дневниот внес на натриум на најмногу 2.300 милиграми. Бидејќи најголемиот дел од солта доаѓа од индустриски преработена храна и оброци во ресторани, готвењето дома и користењето основни намирници може значително да придонесе за подобра контрола.

Премногу седење, премалку движење
Експертите се согласуваат дека современиот човек се движи премалку. Само мал дел од возрасните ги исполнуваат препораките за физичка активност, кои подразбираат најмалку 150 минути умерена аеробна активност неделно и вежби за сила двапати неделно.
Недостатокот од движење доведува до зголемување на телесната тежина, а потоа и до проблеми како покачен крвен притисок и дијабетес, кои директно го оптоваруваат срцето. Кардиолозите предупредуваат дека седењето станало „новата цигара“ на модерното време.
Решението не мора да биде теретана. Доволно е да станувате почесто во текот на работниот ден, да прошетате за време на пауза, да одите пеш до продавница или да излезете на прошетка со пријатели или домашно милениче. Секој чекор е важен.
Телефонот во рака пред спиење
Прелистувањето на телефонот пред спиење за многумина е начин на релаксација, но истражувањата покажуваат дека оваа навика сериозно го нарушува сонот.
Сината светлина го намалува лачењето на хормонот на спиење, додека менталната стимулација го зголемува нивото на хормоните на стрес. Дополнително, времето поминато пред екран често одзема драгоцени часови одмор.
Недостатокот на сон е директно поврзан со срцеви заболувања. За време на спиењето, крвниот притисок природно опаѓа, а кога сонот е недоволен, притисокот останува покачен подолго од потребното.
Решението е едноставно, но не секогаш лесно – телефонот да се тргне од спалната соба, а пред спиење да се изберат помирни ритуали, како читање книга. Редовната физичка активност, темна, тивка и проветрена просторија дополнително придонесуваат за квалитетен сон, пишува „Health“.

Чување нездрава храна дома
Честа грешка е купување грицки и индустриски слатки со оправдување дека мала количина не може да наштети. Проблемот е што ваквата храна лесно станува навика.
Недостаток на социјални контакти
Осаменоста најчесто се поврзува со менталното здравје, но има сериозно влијание и врз срцето. Недостатокот на социјални врски е поврзан со зголемен ризик од срцеви заболувања, срцев удар и мозочен удар.
Стресот, анксиозноста и чувството на изолација спаѓаат во таканаречените тивки фактори на ризик. Решението е во одржување на односите со луѓето, редовни дружења, разговори со семејството и пријателите или вклучување во заедницата преку волонтерска работа.
Непознавање на основните здравствени параметри
Многумина, особено помладите, ретко посетуваат лекар или немаат избран матичен доктор. Така се пропушта можноста навреме да се откријат проблеми како покачен крвен притисок, покачени масти во крвта или висок шеќер.
Овие нарушувања сè почесто се јавуваат и кај помладата популација и без редовна контрола можат долго да останат незабележани.
Редовните прегледи и следењето на основните вредности се клучен чекор во превенцијата на срцеви заболувања.

Уверување дека е предоцна за промена
Многу луѓе сметаат дека предолго живееле нездраво и дека сега нема смисла да менуваат нешто. Таквиот став често води до откажување, особено ако резултатите не дојдат веднаш.
Експертите нагласуваат дека и малите промени се важни. Намалување на порциите, избегнување на доцни оброци или воведување лесна физичка активност со текот на времето може да донесат значајни придобивки.
Најдобриот момент за промена е токму оној кога не правите ништо.
Игнорирање на раните симптоми
Болка во градите, непријатност или болка што се шири кон вилицата, вратот или раката често се припишуваат на киселини или замор. Сепак, тоа се најчестите знаци на срцев удар.
Лекарите предупредуваат дека многумина, особено жените, предолго чекаат да побараат помош, надевајќи се дека симптомите ќе поминат сами. Секое одложување го зголемува ризикот од трајно оштетување на срцето.
Доколку симптомите траат подолго од 15 минути, неопходно е веднаш да се побара итна медицинска помош. Брзата реакција спасува живот и го штити срцевиот мускул од неповратна штета.










