Четири дена по почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран, сè уште е невозможно да се предвиди во која насока ќе се движи конфликтот. Во авторска анализа за „BBC“, уредникот за меѓународни прашања Џереми Бовен предупредува дека војните, штом ќе започнат, тешко се контролираат – а оваа веќе покажува знаци на широка регионална ескалација.
Според Бовен, конфликтот практично веќе прераснал во регионална војна, откако Иран нападнал арапски држави што се сојузници на САД и негови соседи преку Заливот. Во меѓувреме, Обединетото Кралство ја повлекло одлуката да не дозволи користење на своите бази од страна на американските сили.
„Додека го пишувам ова, известувањата за нови напади непрекинато пристигнуваат“, наведува Бовен, посочувајќи дека дури и инциденти со „пријателски оган“, како соборувањето на американски авиони од страна на кувајтската противвоздушна одбрана, покажуваат колку е хаотична и непредвидлива ситуацијата.

Трамп и неговата визија за „победа“
Бовен ја анализира и реториката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој од својата резиденција Мар-а-Лаго во Флорида ја објави војната со самоуверен тон. Наместо традиционално обраќање од Овалната соба, Трамп настапи во неформален стил, изнесувајќи список на цели што, според него, ја дефинираат победата: уништување на иранската ракетна индустрија, елиминација на морнарицата и неутрализирање на регионалните прокси-групи.
Бовен посочува дека Трамп тврдел оти Иран развива ракети што можат да стигнат до САД – проценка што, според јавните разузнавачки извештаи, не е потврдена. Дополнително, претседателот изјавил дека Иран е блиску до создавање нуклеарно оружје, иако претходно тврдеше дека иранските нуклеарни објекти биле „збришани“.
Според анализата, Трамп верува дека силата на САД и Израел може да го осакати режимот во Техеран до степен што иранскиот народ ќе излезе на улица и ќе ја преземе власта. „Пренесувањето на одговорноста за промена на режимот врз Иранците му остава простор на Трамп подоцна да се дистанцира, ако режимот преживее“, оценува Бовен за "BBC".
Но, тој потсетува дека нема историски преседан за успешно соборување добро вооружен режим исклучиво преку воздушни напади. Ирак во 2003 година и Либија во 2011 година вклучуваа копнени сили или вооружени бунтовници поддржани од странство.

Нетанјаху и домашната политика
Бовен ја анализира и позицијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој со децении го гледа Иран како најголема закана за Израел. Во своите изјави, Нетанјаху зборува за целосно „кршење“ на иранскиот режим.
Како и Трамп, и Нетанјаху се соочува со избори. Но за разлика од американскиот претседател, неговата политичка иднина е директно доведена во прашање по нападите на Хамас во октомври 2023 година. „Решителна победа над Иран би можела драматично да ја промени неговата позиција на домашната сцена“, наведува Бовен.

Режимот и неговата дефиниција за победа
Според Бовен, убиството на врховниот лидер и неговите блиски советници претставува тежок удар, но не и гаранција за распад на системот. Исламската Република, дизајнирана по револуцијата во 1979 година, е изградена како комплексен државен апарат што може да преживее војни и атентати.
„Нивната дефиниција за победа е едноставна – опстанок“, пишува Бовен. Револуционерната гарда, со стотици илјади активни и резервни припадници, и паравоената формација Басиж, претставуваат клучни столбови на режимот.
Идејата за мачеништво, длабоко вкоренета во шиитската традиција, дополнително ја зацврстува лојалноста на безбедносниот апарат.

Лошите историски преседани
Бовен предупредува дека вербата оти суровата воена моќ може да донесе брза и чиста промена на режимот не е поткрепена со позитивни примери. Ирак по 2003 година и Либија по 2011 година покажуваат дека ваквите интервенции често отвораат долг период на нестабилност, насилство и екстремизам.
Иран, со повеќе од 90 милиони жители и сложена етничка структура, би можел да влезе во уште покомплексен период на хаос доколку режимот падне.
Во заклучок, Џереми Бовен оценува дека облогот на Трамп е исклучително ризичен. „Надежта е дека оваа војна ќе го направи Блискиот Исток побезбеден. Но шансите за таков исход се, благо речено, неизвесни“, порачува тој во анализата за „BBC“.
















