Колкав дострел имаат иранските ракети?

Точка

02/03/2026

19:47

1.475

Големина на фонт

а а а

Иранската балистичка ракета „Саџил“ со најголем дострел која е во оперативна употреба може да достигне до 2000 километри, наведува Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), британски безбедносен тинк-тенк специјализиран за одбрана.

Сличен максимален дострел, според проценките, имаат и иранските напаѓачки дронови од типот Шахед.


Дострел од 2000 километри е доволен за погодување цели како Атина или Москва, но не е доволен Иран да може да достигне до територијата на Обединетото Кралство, пренесе индекс.хр. Меѓутоа, британските воени инсталации во источниот Медитеран се наоѓаат во домет на иранските проектили. Британската база РАФ Акротири на Кипар, на пример, е во дострел не само на Саџил, туку и на проектилите Гадр и Емад-1.

Инциденти со дронови во близина на Кипар

Во актуелната ескалација, тоа прашање повеќе не е само теоретско. Во последните денови се регистрирани инциденти поврзани со дронови во близина на британската база на Кипар, што дополнително го насочи вниманието кон иранските способности со проектили и беспилотни летала со долг дострел.


Иран веќе со години развива балистички проектили со среден дострел како клучен елемент на својата воена стратегија. Системи како Саџил, Гадр и Емад му овозможуваат да покрие голем дел од Блискиот Исток и источниот Медитеран. Во комбинација со напаѓачки дронови, кои се користат и за извидување и за директни удари, Иран располага со способности што можат да загрозат воени бази, енергетска инфраструктура и поморски рути во регионот.

Арсенал до 2000 километри: Дострел до Израел и јужна Европа

Иако Иран нема оперативни интерконтинентални балистички проектили кои би му овозможиле напад врз западна Европа или Обединетото Кралство, неговиот арсенал со дострел до 2000 километри е доволен да го опфати Израел, поголемиот дел од арапските земји од Персискиот Залив, како и делови од јужна и југоисточна Европа.


Токму затоа британските и другите западни бази во источниот Медитеран остануваат во потенцијален домет на иранските проектили во случај на понатамошна ескалација на конфликтот.