Зеленски нуди помош против иранските дронови: „Нашето искуство е незаменливо“

Макфакс

02/03/2026

14:58

329

Големина на фонт

а а а

Ширењето на војната на Блискиот Исток ја истакнува важноста на украинската експертиза во противвоздушната одбрана, особено во соборувањето на иранските дронови, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно обраќање.

Зеленски порача дека Киев е подготвен да го сподели своето искуство со сојузниците кои ѝ помогнале на Украина, наведувајќи дека тоа во новонастанатата ситуација станало „во голема мера незаменливо“, пишува „Киев Индипендент“.

Коментарите на украинскиот претседател уследија ден откако САД и Израел извршија напади врз Иран, во кои беа убиени врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи и неколку други високи функционери. Иран возврати со лансирање ракети и дронови врз Израел и врз американски воени цели во Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Бахреин, Кувајт и Катар.

Зеленски веднаш по почетокот на нападите ги поддржа нападите и соборувањето на иранското раководство, потсетувајќи дека Русија, стратешки партнер на Иран, од 2022 година во нападите врз Украина употребила повеќе од 57.000 дронови од типот „Шахед“. Искуството што Украина го стекнала во одбраната од оружје од иранско производство, според него, сега може да им послужи на сојузниците.

„Ситуацијата на Блискиот Исток покажува колку е тешко да се обезбеди стопроцентна заштита од ракети и шахеди… Сите сега гледаат дека нашето искуство во одбраната е во голема мера незаменливо“, рече Зеленски, додавајќи дека Украина „внимателно го следи“ развојот на настаните и се координира со сојузниците.